15.8 C
Skopje
Thursday, June 17, 2021

В среда стартува вакцинацијата на хронично болните над 75-годишна возраст

Најчитани вести

На Меѓународниот аеродромот во Скопје вчера пристигнаа 24.000 вакцини од „Астра зенека“ од Ковакс механзимот, преку кој до крајот на април се најавени уште 76.000 вакцини од истиот производител, како и втората пратка од руската вакцина „Спутник В“. Вакцинацијата со вчера пристигнатите вакцини на „Астра зенека“, произведени во Јужна Кореја, треба да стартува в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови, додека дозите од „Спутник В“ се наменети за ревакцинација на 3000 здравствени работници.

Министерот за здравство Венко Филипче при приемот на вакцините на „Астра зенека“ на скопскиот аеродром информира дека со нив први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести и согласно местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравстевните домови, каде вакцинацијата се спроведува според редовниот календар од страна на кадар со искуство.

Филипче им се заблагодари на меѓународните претставници за помошта за транспортот и приемот на вакцините, изразувајќи надеж за континуитет на доставата на вакцини преку Ковакс механизмот.

„Во развивање на Ковакс механизмот инвестираа и учествуваа многу држави во светот, СЗО, Глобалната алијанса за имунизација со цел да имаме еднаква и правична распределба на вакцините ширум светот. Сакам да се заблагодарам на сите земји кои го поддржаа овој систем посебно на претставниците на пријателските земји за нас кои се денеска тука со нас САД, Германија, Велика Британија, Франција, како и на претставниците и на СЗО и на УНИЦЕФ со чија помош го организиравме целокупниот систем за транспорт за прием и понатаму за користење на овие вакцини, а врз основа на искуствата на сите земји каде што се користат“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека сега здравствениот систем е целосно посветен на брзо и ефикасно спроведување на имунизацијата и дека има најави за пристигнување на други вакцини во текот на овој месец. Покрај дополнителните 76.000 дози преку Ковакс системот, во април треба да пристигнат и вакцини од Кина, со што ќе почне масовна имунизација во салата „Борис Трајковски“.

Лекарската комора вчера побара пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски заболувања да имаат предност за вакцинацијата во однос на општата популација. Македонската ревматолошка асоцијација подготви упатство за антиковид вакцинација кое содржи прецизни информации за тоа кога треба да се даде вакцината и дали е потребно да се направи модулирање на терапијата за овие пациенти, кое е поставено и на Интернет страница на Лекарската комора.

Дипломатскиот кор во земјава, којшто беше присутен на пристигнувањето на првите 24.000 дози вакцини преку Ковакс механизмот, порача дека нивна цел е вакцината да дојде до сите, бидејќи никој не е безбеден додека сите не се безбедни.

Американската амбасадорка Кејт Брнз порача дека сите земји треба да имаат пристап до вакцините против Ковид-19 со цел да се стави крај на пандемијата, додека германската амбасадорка Анке Холштајн посочи дека сите ќе бидат безбедни, дури откако сите ќе имаат пристап до вакцини.

Пристигнувањето на вакцините го поздрави и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, кој порача дека ЕУ е меѓу оние кои најмногу придонесуваат за Ковакс механизмот.

„ЕУ е солидарна со своите партнери за да се обезбеди вакцините да стигнат до сите. Ќе излеземе заедно од пандемијата“, напиша Вархеји на својот профил на Твитер.

По повод пристигнувањето на вакцините се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека тие се само „капка во морето“ и дека покрај што „нема вакцини, нема ни медикаменти, а граѓаните молат кај стигнат за терапија“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, земјава е на дно на листите по процент на вакцинирано население, а високо на листата на починати од корона на милион жители. Оттука тоа што денеска има пратка на вакцини не значи ништо, оцени ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение.

Претседателот на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов обвини дека власта не е способна да постигне директни договори и да набави вакцини.

„Здравствениот систем денес е застанат. Зафатени се болничките капацитети на клучните Хирургија, Кардиологија и Интерна во Клинички центар „Мајка Тереза“. Бројката на новозаразени надминува 1.400 лица и починати над 30“, изјави Николов.

На ваквите обвинувања СДСМ одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека профункционира Ковакс механизмот, дека од среда ќе почне вакцинација на граѓаните над 75-годишна возраст, дека се вакцинирани здравствените работници што работат со ковид-пациенти и дека наскоро ќе почне масовната имунизација.

„ВМРО ДПМНЕ е единствената партија која сака политички да профитира на сметка на макотрпната работа на здравствнеите работници, на пациентите, нивните семејства. ВМРО ДПМНЕ е единстевната партија која го поткопува здравствнеиот систем, набавката на вакцините. ВМРО ДПМНЕ е единствената партија која преку своите портали, шири лаги давајќи карактеристики кои вакцини се добри, а кои не, со што ги доведува во заблуда граѓаните и прави сериозна штета и на процесот на имунизација и штети врз здравјето на граѓаните“, се наведува во вчерашното соопштение на СДСМ.

Податоците од Институтот за јавно здравје од вчера покажуваат дека во деноноќието меѓу саботата и неделата се направени 2.763 тестирања, при што се регистрирани се 708 нови случаи на ковид-19, како и 11 оздравени пациенти и 33 починати, од кои речиси 85 проценти се над 60-годишна возраст, а најмладиот имал 39 години.

Од регистрираните 708 нови случаи дури 314 се од Скопје, а двоцифрени бројки на новозаболени се бележат и во Прилеп 59, Куманово 41, Велес 37, Гостивар, Битола и Охрид по 26, Кавадарци 23, Штип 17, Кочани 16, Неготино и Дебар по 11 и Гевгелија 10.

Регистрирани се само 11 оздравени пациенти, што, како што соопшти Министерството за здравство, не е целосната бројка на оздравени лица во претходните 24 часа, поради апдејтирање на софтверот, па вкупниот број на оздравени од тоа деноноќие ќе биде прикажан во денешната статистика.

Со вчерашните бројки вкупната цифра на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 126.938, на оздравени пациенти 104.356, а на починати 3.675. Вчера бројот на активни случаи изнесувал 18.907.

Според вчерашните податоци на Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во земјава е 1.545 и има околу 238 празни болнички кревети во ковид центрите. На инфективните оддели во Скопје се хоспитализрани 657 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, а во одделенијата во во другите градови во земјава се лекуваат 887 пациенти.

Во Србија вчера продолжи вакцинацијата на македонски и странски државјани со вакцини на „Астра зенека“. За разлика од Белградскиот саем каде беше празно, во Ниш поради големиот број неповикани македонски граѓани се создаде голема турканица.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на Белградскиот саем, за разлика од саботата, кога беа вакцинирани 5.299 странски државјани, од кои речиси половината беа Македонци, вчера беше празно, а бројот на Македонците кои до пладне се вакцинираа изнесувал над 100.

За разлика од Белград, во Ниш во халата Чаир за вакцинација пристигнаа околу 2.000 македонски државјани. Поради големиот број на нерегистрирани лица за вакцинација настанаа големи турканици и вакцинацијата беше прекината за оние кои немаа покани и закажан термин.

Како што соопшти Стопанската комора на Србија (ПКС) вработените во повеќе од 1.500 компании од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово за време на викендот добија вакцини против ковид-19 во Белград и Ниш. Од над 1.700 пријавени македонски државјани преку ПКС, вакцини примија вработени од компаниите „Алкалоид“, „Тиквеш“, „Македонски Телеком“, „Млекара Битола“, „Македонија турист“, „Стопанска банка“ и „Витаминка“ од Прилеп.

Министерството за здравство вчера предупреди дека сите граѓани кои веќе ја примија првата доза на вакцината „АстраЗенека“ и оние кои следните денови ќе се вакцинираат, треба да знаат дека по примање на првата доза од вакцината, потребни се до три недели да се создаде имунитет.

„Ова значи дека сите кои примиле деновиве вакцина треба да се исклучително внимателни следните недели и да продолжат да ги почитуваат мерките за лична заштита, како носење маска, физичка дистанца и одржување лична хигиена“, се додава во соопштението.

Германскиот министер без ресор Хелгер Браун вчера апредупреди на опасноста од појава на „супер сој“ на коронавирусот, која може да биде отпорен на вакцини против коронавирусот.

„За жал, сите стравови се остварија. Третиот бран има потенцијал да биде полош од првиот, затоа што е предизвикан од позаразна мутација. Следните седмици ќе бидат одлучувачки за тоа дали наскоро ќе можеме да ја ставиме пандемијата под контрола. Ако сега, паралелно со вакцинирањето расте и бројот на инфекции, тогаш расте и опасноста дека следната мутација ќе биде имуна на вакцината“, објасни во интервју за „Билд“ Браун, кој по професија е лекар.

Германскиот министер порача дека со рано олабавување на мерките се загрозуваат шансите за нормално лето, нагласувајќи дека очекува ситуацијата да се подобри во мај, со напредокот на вакцинацијата и со потоплото време.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести