13.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Втора недела од кампањата за локалните избори

Најчитани вести

Почнува втората недела од изборната кампања за Локалните избори 2021 закажани за 17 октомври.

Кандидатите за градоначалници и советници на средби, трибини и митинзи продолжуваат да ги претставуваат своите програми, концепти и визии.

Коалицијата предводена од СДСМ денеска централни собири ќе одржи во Валандово и Кавадарци, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Радовиш и Струмица. Иницијативата „Зелен Хуман Град” ќе одржи прес-конференција на тема „Изградба на зграда” во Скопје, а Движењето „Одлучно за промени”, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП ќе има изборни активности во Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев и носители на листи ќе бидат во Богданци и Гевгелија, а Движењето „Беса” изборни активности ќе има во скопски Бутел и Шутка.

Политичките партии и независните кандидати своите програми за Локалните избори вчера ги претставија во повеќе градови и населени места.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев синоќа на централниот митинг во Тетово рече дека во нивната програма се наведени реални, остварливи проекти и дека за овој град имаат стратешки инвестиции кои ќе донесат нови огромни можности за забрзан економски раст.

-Еден од најголемите проекти ќе биде скијачкиот центар Попова Шапка вреден 100 милиони евра. Ја имаме најуникатната дестинација во Европа, каде што подножјето на СЦ е голем град, насекаде во светот се само рурални средини. Ќе изградиме комплетен скијачки центар со најмалку три меѓународни бренд хотели на чело со Кемпински. Вкупно инвестицијата е 100 милиони евра, а ќе ја гради преку патот на стратешка инвестиција, најголемата европска компанија за скијачки центри. Во втора фаза сме на преговори со самата компанија, се надевам дека многу брзо самата компанија во наше присуство тоа ќе го објави…, рече Заев.

Вториот по големина проект, како што посочи, е стратешката инвестиција со ЕКОЛОГ. Во таа инвестиција вредна 300 милиони евра имаме болница, комплетно реконструиран фудбалски стадион и нови деловно-станбени површини. – Проектот е европски, најевропски што можел да го види регионот. Верувам дека со семејстовто Дестани ќе го постигнеме договорот најбрзо можно за да се израдуваме и на овој проект, посочи Заев.

Претседателот на СДСМ најави и стратешки инвестиции и во заштита на животната средина и подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани во Тетово и Полошкиот регион.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешниот митинг во Кисела Вода истакна дека ова се избори на кои се одлучува во каков правец ќе продолжи да се движи државата – дали со ова, како што рече, мачно и тешко секојдневие со многу корупција, криминал и неправди или во сосема спротивна насока на нова иднина, промени, проекти, победи, развој и просперитет.

Мицкоски изнесе низа обвинувања за актуелната власт, оценувајќи дека земјава денес е најкорумпирана и најкриминална држава во Европа.

-Неопходно ни е ново владино и парламентарно мнозинство, а јас ви ветувам одговорност за направеното во изминатите четири години. Потрошија 16 милијарди евра, ветуваа автопати, 500-600 километри експресни патишта, дека ќе ги донесат „Гугл” и „Икеа”, секое семејство го задолжија за 4.500 евра, а последни сме во Европа, младите се селат како никогаш претходно. Ветуваа европско здравство, а добивме смртност како во неразвиените африкански држави. Тоа нема да го заборавиме, порача Мицкоски.

Демократската унија за интеграција синоќа ја продолжи предизборната кампања со собирот во општина Студеничани каде ги претстави кандидатот за градоначалник Ејуп Абази, листата на кандидати за советници предводена од Ибрахим Рамадани и изборната програма заснована на зелената агенда и нејзините проекти за квалитетен живот.

Пред присутните граѓани се обратија претседателот на ДУИ Али Ахмети, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за економија Крешник Бектеши и кандидатот за градоначалник Ејуп Абази.

Претседателот на ДУИ во својот говор ги образложи причините зошто треба да се гласа за Демократската унија за интеграција, нагласувајќи дека станува збор за 19 години работа на стручен кадар и докажан со неговото знаење.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев синоќа во Кавадарци рече дека очекуваат преку шеесет советнички места, во новите локални самоуправи, по локалните избори. Во Кавадарци очекувале две до три советнички места. Токму толку, колку да им ја расипеле математиката на двете големи партии. Тој потсети дека имаат 45 листи со кандидати за советници.

Апасиев рече дека нив ги поддржуваат претежно млади луѓе. Тоа, според него, е нивната компаративна предност, во споредба со другите партии.

Според него, кампањата не е фер, бидејќи, како што нагласи, 90 проценти од колачот го земаат само четири партии. Сепак оцени дека таа оди одлично.

Кандидатот за градоначалник за Општина Тетово од Алијансата за Албанците и Алтернатива, Вулнет Мурсели ја презентираше изборната програма заедно со кандидатите за советници на посебна средба со новинарите од Тетово. Изборната програма 2021-2025 предвидува повеќе аспекти за подобра инфраструктура во градот со ставање акцент на потребата од повеќе зеленило во градот.

-Градската касарна е едно од ретките места каде што остана зеленило, недопрено од урбаната мафија на претходното раководство. Оваа област ќе ја претвориме во градски парк и центар на заедницата која ќе служи на градот. Постојните објекти ќе се пренаменат во простор за пензонерите, младите, спортови како шах, пинг-понг, спортски академии, канцеларии, градинка и слично. Ќе се разгледа можноста за основање на некои институции, рече Вулнет Мурсели.

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на вчерашната средба со никиштанци најави приоритетно решавање не актуелните инфраструктурни и канализациски проблеми.

На средбата со жителите во Општина Чаир, Арсовска пак посочи дека во оваа општина е неопходно реновирање на дел од училиштата, како и конечно завршување на асфалтирањето на улиците каде има најмногу сообраќај.

Арсовска беше и во Кисела Вода каде ја претстави својата изборна програма за модерно Скопје.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од „Зелен Хуман Град”, Ана Петровска вчера на прес-конференција, презентирајќи ја својата изборна програма, посочи дека ќе придонесе за институционална промена за враќање на моќта од политичката и бизнис елитата кон граѓаните, и тоа преку одржлив развој, социјална правда, праведна транзиција, енергетска независност, чиста животна средина, урбана мобилност и заштита на животните.

Петровска најави дека ќе работат на ограничување на ширењето на градот, ќе го преиспитаат сообраќајниот концепт на градот, а планираат и поинаква структура на уличните профили од примарната сообраќајна мрежа.

Кампањата ќе трае 20 дена, до 15 октомври, а за вториот круг избори што ќе се одржи на 31 октомври, кампањата ќе трае до 29 октомври.

Државната изборна комисија потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници. Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори.

На Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуалните неправилности при гласањето.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com