Fremantle Highway, транспортерот за автомобили што беше зафатен во пожар во минатата недела во близина на холандскиот брег, ќе претрпи штета на товар во вредност од 330 милиони долари. Така ценат економистите.
„По повеќедневниот пожар е голема веројатноста дека сите автомобили претрпеле целосна штета и ќе биде мошне тешко да се спаси дел од возилата“, цени економскиот аналитичар Патрик Андерсон, од Anderson Economic Group. „Сигурно е дека возило што претрпело штета од пожар и од вода не може да се продаде како ново во Соединетите Држави.“
Андерсон, чијашто фирма е со седиуште во Ист Ленсинг, Мичиген, вршеше процена на пожарот на Felicity Ace во 2022 година. Тој побара да се преиспита оценувањето на безбедноста на комерцијалните транспортери на автомобили.
Felicity Ace превезуваше околу 4.000 возила, вклучувајќи Volkswagen, Porsche, Audi, Bentley и Lamborghini. На бродот имаше и електрични возила со литиум јон батерии. Бродот потона во Атлантикот и причината за пожарот никогаш не беше потврдена.
Во пожарот на бродот Fremantle Highway што пловеше под знаме на Панама, превезувајќи нови автомобили, загина едно лице од екипажот, а седум лица беа повредени, откако скокнале од палубата за да се спасат од пламенот.
Чартер компанијата K Line во петокот наведе дека на бродот биле натоварени 3.783 возила, вклучувајќи 498 батериски електрични возила. Тоа е значително повеќе од 25 електрични возила, колку што првично беа пријавени. BMW и Mercedes-Benz потврдија дека на бродот имало нивни автомобили.
Транспортерот е одвлечен на место што е подалеку од главните поморски рути, како дел од акцијата за спасување.
Лора Бокус, директорка за автомобилски практики во детроитската адвокатска фирма Dykema Gossett, посочува дека транспортот во автомобилскиот сектор се интензивира, а со тоа се зголемува и опасноста од настанување на пожар.
„Бродовите стануваат сé поголеми, поморските рути стануваат сé пооптоварени, товарот се поставува блиску, а бродовите некогаш се преоптоварени“, кажува Бокус. „Во таква средина, доколку избувне пожар, целиот товар може да биде загрозен за многу кусо време.“
„Со огромната загуба од пожар од толкав обем, очекувам дека ќе бидат поднесени бројни тужби против одговорното лице или компанија“, кажува Бокус. Адвокатката очекува да биде побарана отштета и поради загадувањето на животната средина.
Андерсон бара „сериозна и итна постапка да се провери безбедноста на овие транспортери што превезуваат електрични возила, затоа што сега имаме втор случај на загуба во висина од половина милијарда долари, а трагично е тоа што сега имаме и загуба на човечки живот.“
Загубите на Felicity Ace ги надминаа првичните процени и беа повисоки од 355 милиони долари.
Felicity Ace превезуваше и 189 возила Bentley, со просечна цена од околу 300.00 долари, посочија тогаш од британската марка.