28.8 C
Skopje
Sunday, June 20, 2021

Вработени во фабрика ги помешале состојките на вакцината, „Џонсон и Џонсон“ доцни со испораката

Најчитани вести

Работници во фабрика во Балтимор, во која се произведуваат две вакцини против коронавирус, случајно ги помешале состојките пред неколку недели, контаминирајќи околу 15 милиони дози на вакцината „Џонсон и Џонсон“, објави „Њујорк тајмс“.

Фабриката е управувана од „Емрџент биосолушнс“, партнер за производство и на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ и на „Астра зенека“, британско-шведска компанија чија вакцина сè уште не е одобрена за употреба во САД.

Федералните власти грешката ја припишале на човечка грешка.

Мешањето на состојките ги одложи идните пратки на дози на „Џонсон и Џонсон“ во САД, додека Администрацијата за храна и лекови истражува што се случило. „Џонсон и Џонсон“ најави дека ќе ја зајакне својата контрола врз работата на „Емрџент биосолушнс“ за да избегне дополнителни пропусти на квалитетот.

„Њујорк тајмс“ појаснува дека двете вакцини користат иста технологија со која се користи безопасна верзија на вирус, позната како вектор, што се пренесува во клетките за да се создаде протеин кој потоа го стимулира имунитетот да произведува антитела. Но, векторите на „Џонсон и Џонсон“ и „Астра зенека“ се биолошки различни и не се заменливи.

Грешката на „Емрџент биосолушнс“ не била откриена со денови и биле контаминирани до 15 милиони дози. Според пишувањата на „Њујорк тајмс“ сите дози се во фабриката.

„Една серија вакцини против коронавирус на ‘Џонсон и Џонсон’ не ги исполни стандардите за квалитет и не можат да се користат“, соопшти американскиот фармацевтски гигант.

Компанијата, сепак, не наведе колку дози на вакцини се изгубени и не е познато како тоа ќе влијае на идните испораки.

„Џонсон и Џонсон“ вети дека ќе обезбеди 20 милиони дози вакцини на американската влада до крајот на март и уште 80 милиони дози до крајот на мај.

Компанијата во соопштението вели дека планира да ги испорача сите 100 милиони дози до крајот на јуни.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести