25.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022

Во што верувам?!

Најчитани вести

Кога бев дете… аах… кога бев дете, о да, верував во сѐ и не верував во ништо. Нешто како на живот ил смрт, веруваш или просто напросто, не веруваш. Верував во бескрајот на универзумот, еее, дека небото никаде не завршува, верував во самовили и караконџоли, во коњи со рогови, о да, верував во такви чудесии. Верував и во Дедо Мраз, о, како беше красно тоа, да веруваш дека таму некој чичко со бела брада и румени обравчиња доаѓа секоја година само за тебе, само да те зарадува со нешто слатко и мечтателско. О да, верував и во добрината на луѓето, во тоа дека се сепак само луѓе, полни со мислост, верував дека ниеден претставник од истите тие (луѓето) не ќе ме повреди, не ќе ми откине ниту едно влакно, оти влакно по влакно, цел прамен, знаете, скапоцено е и тоа едно мало влакно, мајката…
Верував дека сите од таа сорта се такви, човеколики, имаат срца и души. Навистина беа такви дури верував, дури се надевав, дури ми беше далеку реалниот светоглед, светоликов на сегашната баш ми некаква стварност. Да, верував и во магичните бајки за бескрајноста љубовна, за тоа дека двајца навистина можат да се сакаат сѐ додека смртта не ги раздели, о да, верував, верував и дека таму некој добар може да ги столчи тоа лошите, тоа злите, верував и тогаш сѐ беше навистина така, верувачко и полно со надежлива верба, која имаше некаков романтичен сјај во моите очи полни со очекувања, ех, тогаш не знаев дека очекувањето е мајка на разочарувањето.
Верував оти немав свест, таа проклетница од его-структури што те разнебитува баш затоа што те освестува, одеднаш прогледуваш во проблесок, сѐ ти е јасно, ја гледаш сета човекова резигнација на сѐ верувачко и надежливо, тоа те разочарува, тоа те боли, оти, ете, го гледаш, просто го гледаш она што до вчера си го гледал со други очи или едноставно на скалата на твоите вредности не било вредно за вреднување, ете тоа.

Туку, каде застанав, о да, верував и во тоа дека еден ден ќе бидам космонаут, фудбалер, позната актерска ѕвезда, дури и вечно насмеан добролик со кренати веѓи и усни, со испрчена става заради самодоволство, и во тоа верував. Некако задуман можев да го почувствувам сето она што го верував и надевав. Сега не можам, сега сѐ е така клето стварно, небаре стварноста навистина е таква, стварна, небаре можам да го докажам тоа, ама, ете, го верувам тоа што некогаш не можев да верувам дека е за верување. Ете во каков „неверен Тома“ се престорив, небаре Феникс, небаре гуштер сред процес на мимикрија, небаре проклета персона човекова, небаре маска над маските маскосана што те дозатскрива зад доволните веќе затскриености, те затскрива зад скриеното и те прави двапати скриен.
Ете, така мојата верба се престоруваше во неверба на верувањето, неверба што се овоплоти во нова некаква квазиверба на неверувањето дека универзумот е бескраен, дека луѓето се добри, дека Дедо Мраз навистина постои, дека коњите имаат беден розов рог, дека самовилите ја воспеваат љубовта како ствар по себе, а не како артефакт човеков што се стреми кон самозадоволување, дека никој никогаш никого стварно не би го повредил и дека луѓето се афилијативни битија. И, гледај чудо. Така неверлив и недоверлив небаре скептик среде плоштадот на сократовите плукања, осетив таква милина, такво блаженство, таков светолик. Нешто најпрво се вообрази како нејасна визија на некакво собитие, кое светеше во златно-жолта боја, нешто налик на имагинативен свет што ветува, бев вчудовиден, збунет, светнат во очите, разнебитен од неверување, како да видов чудо, слично како кога бев дете, знаев дека верувам во таму нешто ама поим немав во што, а тоа сега како возрасен му доаѓа дека не верувам во ништо.

Знаете какви сме ние возрасните, ако не можеме да си објасниме што е она во што веруваме, тогаш имаме дифузно чувство дека во ништо и не веруваме, каква ли беда бедосана, каков дамар на несреќата, каква промашена илузија за стварно живуркање. И така, баш тогаш, се јави некаква нова сила на вербата, беше силна, беше орканска, но беше дива, како дивата мисла, како дивата страст, но за чудно чудо, беше тука, беше со мене, беше некако моја, некако присутна, некако своја и непобитна, непореклива, неуништлива. Си помислив в миг – дали е ова можеби самиот бог, дали се тоа луѓето, дали е тоа самовилата на утехата. Не е бог, не, бог не се пројавува во слики и сновиденија, тој само се чувствува. Дали се луѓето, не, не се, тие се конкретни, тие не се надеж светолика, тие се силни, нема суптилност. Дали можеби се самовилите на утехата, на мечтателската последна надеж на самодоволност, о не, тоа не е прашање на самодоволност, вербата вклучува и други.
Најпосле низ громогласен и олимписки блесок ми загромти во душава – можеби тоа сум јас, можеби сепак верувам во себе, ура, тоа сум јас, што и да значи тоа, макар фрагмент од целовитоста, макар резидуа холизам, макар проблесок на сечовечкото, добога, тоа сум јас, никој друг, ниту бог, ниту самовили, ниту коњи со рогови или дедомразовци во црвено, не, ниту жени со колкови раскошни како жито на сонце, не, тоа сум јас, јас и само јас, или можеби само вербата дека јас сепак постои како верба, како можност, како шанса. Да не ти се верува, шансата тука, а јас барав и барав, трагав и трагав, копнеев и чекав.
Верувам во себе преку вербата дека постои веројатно верба што конечно се верува без да се прашува зошто. О да, верувам во себе, што и да значи тоа, верувај и ти, колку и да е тоа ЈАС новороденче!

Мирослав Пендароски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com