Во Црна Гора се појави ретка болест којашто ја пренесуваат животните. Паразитското заболување лајшманиоза коешто го пренесуваат комарците, се појави во Колашин, јавуваат медиумите. Болеста е смртоносна за кучињата, кои мора да се успијат кога ќе биде откриена болеста, а ризични групи кај луѓето се децата и лица со намален имунитет, пишуваат медиумите.
Според Управата за храна, ветеринарна и фитосанитарна болест, оваа болест е откриена и во Подгорица, Бар и Улцињ. Ветеринарот на Колашин, Саша Дрљевиќ објаснува дека лајшманиозата е паразитско заболување, кое се пренесува меѓу животните и од животните на луѓето со помош на мушички, поради што најчесто се појавува во потоплите краеви.
Првите знаци на болест кај кучињата се слабост, апатија, губење на апетит и слабеење. Кога болеста се развива, најпрво влијае на очите и кожата околу очите, ушите и носот, на кожата се формираат воспаленија, и губење на влакната околу очите, на вратот и опашката.
Засега, велат ветеринарите, нема целосна заштита за кучињата. Нема вакцини и лекови за да се спречи инфекцијата.За да се намали ризикот од пренесување на лајшманиазата кај кучињата, неопходно е редовно да се заштитуваат животните од инсекти со соодветни средства, да се третира, доколку е можно, околината во која кучето престојува со соодветни инсектициди, да му се обезбеди сместување во затворен простор во текот на ноќта и слично.
Во случај на сомнеж, како што велат ветеринарите, задолжително е да се јавите кај надлежната ветеринарна клиника, која ќе изврши преглед на кучето.