Home » Во Собранието прва средба на работните групи за заклучоците за почеток на преговори со ЕУ

Во Собранието прва средба на работните групи за заклучоците за почеток на преговори со ЕУ

by Журнал.мк

Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска се очекува да одржат прва средба на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието во врска со европскиот предлог и отпочнувањето на преговори за влез во ЕУ.

Двете најголеми политички партии во Собранието, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера го потврдија договорот за одржување вакви разговори во Собранието. Во работните групи политичките партии ќе бидат застапени со по двајца преставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека во Собранието ќе се формираат групи меѓу политички партии кои ќе работат на предлог-забелешките што се проблематични во целиот текст. Според него, ова доаѓа по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за да се разговара за измени што ќе го подобрат предлогот и ќе се вметнат одредени забелешки во однос на се она што е на штета на државата и националните интереси. Ваквиот формат на разговори во Собранието го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет рече дека Собранието ќе донесе одлука дали ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ и ќе донесе заклучоци откако Владата до пратениците ќе ги достави европскиот предлог, билатералниот протокол и уште еден документ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со претседателот на ЕС Шарл Мишел во Собранието, на која присуствуваа и координаторите на пратеничките групи и претставници на помалите политички партии, според соопштението од неговиот Кабинет, во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка, истакнал дека по нив соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Парламентот.

-Поздравувајќи ја одлуката на претседателот Мишел за посета на земјата во овие моменти со цел да се запознае со различните мислења и ставови, претседателот Џафери посочи дека актуелното раководство и во минатото носело одлуки кои долгорочно се покажале како правилни за државата и нејзината иднина и дека носи одговорност за донесување стратешки одлуки. Правејќи паралела со помирувањето на Франција и Германија како основа за формирањето на денешната Европска унија, заклучи дека единствен начин за надминување на билатералните несогласувања останува отворениот дијалог и меѓусебното разбирање. Во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка, претседателот Џафери истакна дека по истите соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Собранието, соопшти Кабинетот на Џафери.

На средбата Мишел образложил дека доаѓа во име на 27 земји членки на Унијата кои стојат зад предложената рамка за лично да ги слушне аргументираните и легитимни мислења и резерви на политичките актери, нагласувајќи дека има разбирање за фрустрациите и разочараноста во последните години околу официјалното неотпочнување на преговорите.

– Случувањата во поширокото европско соседство придонесоа за порешителни одлуки на европските лидери во однос на процесот на проширување и спречување на трети страни за остварување на нивните интереси кои се спротивни на интересите на Унијата, рекол претседателот на ЕС.

Во однос на загриженоста околу формулациите во преговарачката рамка, Мишел појаснил дека за македонскиот јазик се упатува јасна порака од Советот на ЕУ дека истиот се почитува и сите документи во текот на процесот ќе се преведуваат на македонски јазик. Исто така, потенцираше дека добрососедските односи се дел од критериумите и оти е важно истите да бидат надминати, но дека во процесот на преговори се вклучени сите членки на ЕУ кои будно ќе го следат процесот на преговори, се наведува во соопштението.

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, искажал благодарност за денешната средба во еден исклучително сензитивен период за државата, укажувајќи ја нетранспарентноста во водењето на стратешките прашања како причина за реакциите на пошироката јавност, искажувајќи резерва за предлогот со барање да се достави на увид билатералниот протокол со Република Бугарија, за да се увери јавноста дали тој е или не е дел од преговарачкиот пакет.

Координаторот на Пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, како што информира Кабинетот на Џафери, посочил дека процесот на преговори е комплексен и го образложил револтот кај граѓаните заради непочитувањето на дадените гаранции по Преспанскиот договор и за почеток на преговори со ЕУ. Граѓаните чувствуваат несигурност дали во оваа преговарачка рамка се последните барања за земјата. Тој искажа поддршка и побара помош од ЕУ во текот на процесот.

Координаторот на Пратеничката група на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, пак, истакна дека пријателите доаѓаат да дадат поддршка во тешки времиња.

-Тој алармираше за напливот на лажни вести околу актуелниот предлог, особено за македонскиот јазик и за почетокот на преговори само за Република Албанија, апелирајќи до сите чинители да го прифатат предлогот со што ќе се стави крај на овие вести и за рационалност во донесување на вакви важни одлуки.

Претставничката на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, го поддржа актуелниот предлог, повикувајќи на државна и општествена кохезија во процесот. Координаторот на Пратеничката група на Алијанса за Албанците Илире Даути, го наведе нивниот јасен став за донесување стратешки одуки, како членството во НАТО и сега почетокот на преговори со ЕУ, давајќи поддршка на актуелниот предлог и искористување на моментумот за враќање на надежта, особено кај младата популација во земјата, се наведува во соопштението.

Претставникот на Беса, Бастри Бајрами, наведе дека земјата нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија и дека даваат јасна поддршка на актуелниот предлог, со апел за зрелост на политичките субјекти за иднината на следните генерации.

-Претседателот Мишел се заблагодари за искажаните ставови, посочувајќи дека има многу појасна слика за актуелните случувања, охрабрувајќи ги политичките лидери да донесат одлуки според сопствените убедувања. Вратата на ЕУ е отворена: сега од вас зависи дали ќе влезете внатре, заклучи Мишел, информира Кабинетот на претседателот на Собранието.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата информираше дека откако ќе заврши консултативниот процес за европскиот предлог, билатералниот договор и уште еден документ ќе бидат испратени во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии ќе разговараат за овие предлози. Тие, како што рече тој, треба да донесат одлука и заклучоци и ќе и дадат задолженија на Владата тоа да го споведат.

-Во Собранието се застапени претставници на сите парламентарни политички партии и тие таму ќе имаат состаноци на коишто ќе учествуваат нормално претставници од нивните редови и коишто треба да расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог којшто го имаме добиено од ЕУ. Сметам дека и претседателот Мишел беше многу јасен во својата експликација дека ние имаме предлог којшто ни овозможува веднаш започнување на преговорите со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги почнеме преговорите и со какви заклучоци и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе и да го операционализира во врска со одлуката која што Собранието ќе ја донесе, рече Ковачевски.

Европскиот предлог, потенцира тој, е предлог на 27 земји – членки на ЕУ, а тука со нас на прес-конференција и гостин на државата денес е претседателот на Европскиот совет во којшто членуваат сите лидери на тие 27 – земји.

-Секој граѓанин може да го види предлогот што ги вклучува и пратениците, односно членовите на Парламентот. На ресорните министри е да го објаснат тоа на граѓаните кои преку медиумите сакаат да се информираат за детали во однос на доставените документи. Граѓаните во оваа држава се претставени преку свои народни избраници, преку членови на Парламентот. Тие народни избраници согласно своите уставни надлежности ја носат одлуката, носат заклучоци и даваат задолжение на Владата која што како извршна власт треба тоа да го спроведе, повтори Ковачевски на прес-конференцијата.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More