19.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022

Во Словенија 3.666 новозаразени, ангажирана е војската

Најчитани вести

Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 3.666 нови случаи на зараза со коронавирус, уште 19 лица починаа, а поради здравствената криза владата одлучи да ја вклучи армијата во грижата и лекувањето на заразените.

„Армијата ќе ги интегрира своите капацитети во здравствениот систем и ќе помогне во лекувањето и грижата за луѓето кои страдаат од Ковид-19“, објави владата на Јанез Јанша, додавајќи дека четири воени медицински тимови ќе се приклучат кон јавното здравство.

Според Националниот институт за јавно здравје, во последните 24 часа се потврдени 3.666 нови случаи на зараза, а уделот на позитивни тестови е поголем од претходниот ден и изнесува 39,8 отсто.

Бројот на хоспитализирани и понатаму расте, а активни случаи во моментот има 41.534, соопшти Министерството за здравство.

Во болниците има 981 пациент, од кои 220 се на одделенијата за интензивна нега.

Состојбата со искористеноста на капацитетите е критична. Математичките проекции укажуваат дека четвртиот бран на епидемијата е на својот врв, а растот на хоспитализацијата продолжува. Состојбата во болниците ќе биде најтешка во последната недела од ноември, по што бројот на хоспитализирани може да почне да опаѓа, доколку успеат сегашните рестриктивни мерки, пишуваат медиумите.

Меѓу другото, мерките пропишуваат поширока употреба на потврдите за коронавирусот со приложување документи за идентификација, скратено работно време на локалите и забрани за ноќни клубови и дискотеки, почесто тестирање за коронавирус на учениците во основните и средните училишта и забрана за големи јавни собири.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com