Огромен пожар ја уништи историската зграда на поштата во главниот град на Филипини, Манила. Повеќе од 80 противпожарни возила се испратени на местото на пожарот што избувна доцна во неделата, соопшти филипинското Биро за заштита од пожари.Густ црн чад се издигна стотици метри во воздухот додека пламените јазици ја зафатија централната пошта во Манила. На пожарникарите им биле потребни повеќе од 7 часа да го стават пожарот под контрола. „Целата зграда изгоре, од подрумот до петтиот кат“, изјави Луис Карлос, генералниот директор на поштата на Филипините, за радиото ДЗББ.Причината за пожарот се истражува, додаде тој. Генералниот директор на поштата и главен извршен директор на филипинската поштенска корпорација Луис Карлос рече дека пожарот брзо се проширил бидејќи култната зграда не била опремена со прскалки.
„Изгоре целата библиотека со поштенски марки“, вклучително и националната колекција на комеморативни и антички поштенски марки, рече Карлос. Тој додаде дека целата структура е важна бидејќи е наследство, а најави и санација и реновирање на објектот.
Изградена во 1926 година, зградата на поштата некогаш се сметала за „највеличествено здание“ во Манила, се наведува на нејзината веб-страница. За време на Втората светска војна била уништена, кога американските сили повторно го заземале главниот град од окупаторските јапонски сили, пред да биде повторно изградена во 1946 година.