Продолжува ширењето на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во централното подрачје на Куманово. Екипите на јавното претпријатие „Куманово гас“ работат во близина на Соколанскиот парк. Предвидено е да се изгради 1,3 километри мрежа, која треба да стигне и до спортскиот комплекс кој ќе започне да се реновира. Целта е да се овозможи гасификација на средното техничко училиште, како и на двете подрачни основни училишта и ученичкиот дом, кои би биле сериозни потрошувачи. На овој начин велат надлежните ќе се заштити и животната средина. Но интерес за приклучок појаснуваат освен од правните субјекти, има и домаќинствата.
„Имаме неколку приклучоци на луѓето кај коишто поминавме со мрежата пред нивните домови, тоа се куќи. Има заинтересирани граѓани, имаме околу 15 договори од станбени згради, имаме и неколку сопственици на куќи кои доаѓаат и се информираат и ги упативме на понатамошна изградба на проектна документација“, изјави Митровски.
Значаен дел од новите станбени објекти имаат веќе поставено внатрешна гасоводна мрежа и постапката за приклучок за нив е многу полесна. За граѓаните коишто живеат во постарите згради, неопходно е да добие согласност од станарите и да се изработи проект за приклучок. Дел од кумановци ја користат субвенцијата и од општината од 15.000 денари и од Министерството за економија, која може да биде до 25.000 денари, не повеќе од 70 проценти од целиот трошок.
„Во сите згради веќе пуштивме флаери, пред почетокот на грејната сезона очекуваме поголема заинтересираност, сега е летен период, да организираме и состаноци со советите на зградите да објасниме подетално за бенефитите кои се пружаат во овој момент. Приклучокот на гас во моментов ако се одбијат сите субвенции би излегол околу 9.200 денари“, дополни Митровски.
Виталните објекти во Куманово веќе неколку години се затоплуваат на природен гас, чија цена во моментов изнесува околу 50-тина денари.