Печалбарите го блокираа Куманово. Зголемен е сообраќајниот метеж, се чека по неколку минути за да се замине до предвидената дестинација во централното подрачје. Потешко се наоѓа слободно паркинг место, а комуналното претпријатие тешко се справуваа со зголемената количина на смет. За разлика од претходните месеци информираат од „Чистота и Зеленило“, кога на дневна основа се собирале од 80 до 100 тони смет, сега бројката се движи до 140 тони. Според статистиката количината на смет во јули и август, е поголема за најмалку 30 отсто. Но проблем велат е што од сообраќајниот метеж тешко се стига и до садовите за смет, кои согласно програмата на одредени локации се чистат и по четирипати дневно.
„Во одредени делови на градот имаме зголемена количина на смет особено во централното градско подрачје, улицата кај болницата, зелениот пазар. Проблем се и самите маркети и поголемите трговски единици најверојатно поради зголемената продажба имаат и поголема количина на смет кој го депонираат во контејнерите“, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.
Надлежните очекуваат ваквата состојба да потрае до крајот на месецов. Но велат веќе се размислува и се детектираат локациите со најмногу количини смет, да добијат полуподземни садови, кои се со значајно поголем капацитет. Целта е да се избегне честото движење на возилата на претпријатието во текот на денот и дополнителен метеж во сообраќајот. Општината веќе набави 50-ина садови и деновиве треба да започне поставувањето.