23.8 C
Skopje
Friday, June 18, 2021

Во ковид-центрите хоспитализирани 1.315 лица, слободни околу 340 кревети

Најчитани вести

Број на новозаразени со коронавирусот и натаму е во пораст. Од 1.682 тестирања, вчера беа регистрирани 457 нови случаи или 27 отсто од тестираните. Претходно, процентот се движеше околу 24 отсто. Вчера беше регистриран и зголемен број починати во однос на претходните денови. Пријавени беа 30 починати, на возраст од 50 до 84 година. Во статистиката беа забележани и оздравени 700 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 591.958 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 119.828, бројката на оздравени пациенти е 101.474, на починати е 3.503, а бројот на активни случаи изнесува 14.851.

Најмногу активни има во Скопје – 7604, потоа следи Прилеп – 940, Кавадарци – 616, Охрид – 559, Куманово – 547. Во другите градови има под 500 активни случаи.

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.315 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Во Куманово хоспитализирани се 100 пациенти, во Прилеп 118, во ковид-центарот во Охрид има 92 пациенти, во Прилеп 118, Кавадарци 69. Во другите градови тој број е помал.

Во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани се вкупно 549 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 123 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 137 пациенти. Во Скопје има 90 слободни места.

Во Општата болница во Гевгелија се исполнети до последно место расположливите капацитети за болничко лекување на пациенти заболени од Ковид-19, изјави вчера директорот на болницата, Митко Крџев кој нагласи дека поради неповолната епидемиолошка состојба веќе се размислува каде и на кое одделение би можело да се создадат услови за дополнително сместување.

Владата на вчерашната седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука да биде продолжена актуелната мерка за забрана и посебен режим на движење на граѓаните на целата територија на државата во временскиот период од 22 часот до 5 часот, почнувајќи од денеска, односно од 23 март до 6 април. Одлуката на Владата за воведување полициски час од 22 часот вечерта до 5 часот наутро, беше донесена на 10 март, а истекуваше вчера.

Повеќе од 124 милиони случаи на коронавирус се пријавени низ светот од почетокот на пандемијата, при што над 2,7 милиони од заразените починале, a оздравеле 100 милиони.

Германски лекари вчера предупредија на „трет, разурнувачки бран“. Специјализираните германски здруженија на лекари за итни случаи и интензивна нега предвидуваат дека на почетокот на мај бројот на пациенти во единиците за интензивна нега за ковид-19 може да се зголеми на 5.000 луѓе.

Ако Германија не ги заостри итно мерките, смртните случаи од ковид-19 во државата ќе бидат многу, велат германските медицински лица.

Вакцината на „Астра Зенека“ и натаму ја бранува јавноста. Вчера резултатите од големото американско клиничко испитување на таа вакцина покажа дека таа е безбедна и високо ефикасна.

Во истражувањето учествувале над 32.000 испитаници, претежно од САД, но некои од нив биле и од Чиле и од Перу.

Во Србија не е забележан случај на анафилактичен шок. Српскиот епидемиолог Предраг Кон изјави дека од околу 2,2 милиона вакцини против коронавирусот аплицирани во државата, досега не е забележан случај на анафилактичен шок.

Во Албанија вчера попладнето пристигнаа првите 10.000 дози од руската вакцина „Спутник В“, донација од Обединетите Арапски Емирати.

Во светот сè уште се дебатира за потеклото на вирусот. СЗО разработи четири можни причини за неговото ширење во Вухан – трговијата со диви животни е најприфатливата

Експертите од Светската здравствена организација (СЗО), истражувајќи го изворот на ширење на коронавирусот во кинескиот град Вухан, навестуваат дека трговијата со диви животни може да биде причината за ширењето на вирусот САРС-КоВ-2.

Меѓународна група експерти на СЗО од 14 јануари речиси еден месец престојуваше во Кина и притоа спроведе заедничко истражување со кинески експерти за да се утврди потеклото на ковид-19.

Експертите на СЗО, наводно, развиле четири главни хипотези за можното потекло на вирусот. Коронавирусот веројатно не влегол во човечкото тело директно од лилјаците на пазарот за морска храна Вухан. Веројатно имало меѓупреносител на вирусот.

Истражувачите, исто така, го доведоа во прашање вештачкото потекло на Ковид-19 и не ја поддржаа теоријата дека пандемијата е резултат на протекување од лабораторија.

Исто така, кај нив има и хипотеза споделена од Кина во врска со пренесувањето на вирусот преку контаминирана храна. Меѓутоа, најверојатна причина за коронавирусот е трговијата со диви животни на пазарот со морски плодови во Вухан, наведуваат експертите на СЗО.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести