23.8 C
Skopje
Saturday, June 25, 2022

Во Кинотеката следува циклусот на современи јапонски филмови

Најчитани вести

Јунската програма на Кинотеката се совпадна со почетокот на 12-тиот Филозофски филмски фестивал. Од 1 до 9 јуни можеа да се погледнат филмови на врвни автори, како Алехандро Аменабар, Семих Капланоглу, Алем Кан, Лех Мајевски и Ален Рене, а од 10 до 15 јуни на програмата на летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката се прикажуваат седум наслови од најновата продукција на јапонската кинематографија.

Овој месец ќе бидат репризирани и филмови како „За бескрајот“ на Рој Андерсон, документарниот „Бергман – година во животот“ на Џејн Магнусон, „Првиот снег“ на Хами Рамезан, за интеграцијата на бегалците од Блискиот Исток во северноевропските земји, и „Малечката мама“ на Селин Скјама. Следуваат „Мрачни бајки“ на Италијанците Дамијано и Фабио Диноченцо, награден на Берлинале 2021, како и приказната за инфлуенсерите на социјалните мрежи „Пот“ на Магнус фон Хорн, и исландскиот филм „Јагне“ на Валдимар Јохансон. Програмата ќе биде заокружена со „Реквием за еден сон“ на Дарен Аронофски и „Мементо“ на Кристофер Нолан.

На репертоарот на „Неделата на јапонскиот филм“ се „Носари: Непостојана вечност“, „Ние правиме антиквитети“, „По зајдисонце“, „Миење коски“, „Густо плетено“ и „Секој ден е добар ден“. Неделата на јапонскиот филм ќе се одржи и во Битола, во НУ Центар за култура, на 16 јуни и 17 јуни.

„Изминативе 15 години, Кинотеката, Амбасадата на Јапонија и Јапонската фондација се здружуваат преку филмските проекции да ѝ овозможат на македонската публика патувања низ различни места и периоди во Јапонија“, соопштија организаторите.

„Се надевам дека во иднина Неделата на јапонски филм ќе има можност да гостува низ целата земја и дополнително ќе ја зајакне врската помеѓу нашите земји“, нагласи амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 10 јуни 2022 во весникот „Слободен печат“)

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com