Необична глетка вчера е забележана на улиците на босанскиот главен град Сараево – мечка трчаше по улиците во населбата Вратник. На учениците во населбата им било забрането да излегуваат надвор од училиштата, додека ловџии се обидувале да го стигнат и да го заловат вознемиреното животно, чија „посета“ ги вознемири и жителите на градот.
Претседателот на Ловечкото здружение „Стари град“ од Сараево, Муриз Буква, за Н1 изјавил дека мечката не е фатена, но и дека ловџиите ја „насочиле“ кон област која не е населена, од каде ќе може да се врати во шумите и во планините со кои е опкружено Сараево.
Засега нема пријавени штети, па се претпоставува дека мечката заталкала барајќи храна.