Киев повторно цел на руски воздушни напади. Нападот бил „масивен“ а тревога од напади била прогласена и во други украински градови. Украинските сили тврдат оти го одбиле нападот, уништувајќи руски дронови.
Во меѓувреме, САД ќе и продадат на Украина напредни ракетни системи земја-воздух во вредност од 285 милиони долари за да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина за да се спротивстави на руската агресија.
Претседателот Зеленски рече дека Киев продолжува со подготовките за примање борбени авиони Ф-16 за помош во борбата против руската инвазија. За Зеленски главната работа е брзината на тренинзите и снабдувањето.
„Јасно е дека овој глобален чекор ќе ни овозможи да ги прошириме нашите одбранбени способности. Првиот украински Ф-16 ќе биде еден од најсилните сигнали од светот дека Русија само ќе загуби поради сопствената агресија и ќе стане послаба и поизолирана, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Сопственикот на руската воена компанија „Вагнер“, Пригожин рече дека трупите на Вагнер почнале да се повлекуваат од Бахмут. Тој претходно тврдеше дека ја презеле целосната контрола над разурнатиот град.
„Денеска ги повлекуваме единиците од Бахмут. До 1-ви јуни главниот дел ќе биде преместен во задните кампови. Ги предаваме воените позиции, муницијата, сè на војската“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на воената компанија „Вагнер“.
Американски официјални лица веруваат дека нападот со дронови во рускиот град Белгород го извела една од украинските специјални воени или разузнавачки единици.
Над осум милиони украински бегалци пристигнале во европските земји од почетокот на руската инвазија врз Украина. Само минатата недела бројот на бегалци се зголемил за 8.766. До 23 мај годинава речиси 3 милиони побарале засолниште во Русија. Потоа следува Полска со над еден ипол милион бегалци, Германија со околу еден милион, чешка 520 илјади. Околу 5.200.000 бегалци се вклучени во националните програми за привремена заштита и поддршка.