Двата производи се осмислени првенствено од функционално гледиште и низ годините се развија во современи икони, коишто не ја губат врската со корените. Тоа се Mercedes-Benz G-Class и часовникот Big Pilot’s Watch од IWC Schaffhausen. Спрегата меѓу теренската икона и авијатичарскиот часовник ја воспоставува новиот Big Pilot’s Watch AMG G 63. Дизајнот на овој скапоцен часовник се раководи според неодамна претставената изведба Mercedes-AMG G 63 „Grand Edition“.
Часовникот остава вчечаток прво со контрастот меѓу црна и златна боја. Куќиштето и круната на отмениот мерач на времето се изработени од 18-каратно армор злато. Составот на легурата создава сосем различна микроструктура, што значително ја зголемува крутоста на куќиштето и поотпорно е во споредба со обичните легури на злато. Површините се пескарени, а рабовите се полирани, што му дава уште едно посебно обележје на Big Pilot’s Watch.
Црниот бројчаник е изработен релјефно и стилот го позајмува од изгледот на маската и на отворите за воздух на моделите на Mercedes-AMG. За разлика од класичниот Big Pilot’s Watch, бројките и индексите тука не се испечатени, туку се изведени тридимензионално со посебна постапка. Користена е метода на PVD (Physical Vapor Deposition), во којашто во вакуумска средина се нанестуваат тенки слоеви боја.
Бројките се исполнети со фосфоресцентен материјал во беж боја. Белите прстени на помошниот бројчаник за малата секунда кај 9 часот и преостанатото време на работа кај 3 часот се инспирирани од светлата на G-Class.
Цена од 35.000 швајцарски франци за специјаланта серија на луксузниот часовник Big Pilot’s Watch G 63
Со ексклузивниот часовник се одбележуваат 20 години соработка меѓу Mercedes-AMG и водечкиот швајцарски производител на луксузни часовници IWC Schaffhausen.
Специјална серија Mercedes-AMG G 63 „Grand Edition“
Марката од Афалтербах со серијата Mercedes-AMG G 63 „Grand Edition“ го нагласува посебното место на теренскиот модел со спортски перформанси, што е во понудата на марката од 2002 година. Серијата е ограничена на 1.000 примероци и се одликува со каросерија во мат црна боја, што е дело на MANUFAKTUR. Контраст со црната боја создаваат акцентите во златна боја. Цената на специјалниот модел во Германија изнесува 228.896,50 евра, вклучувајќи и ексклузивна опременост.