14.8 C
Skopje
Tuesday, September 21, 2021

Внатрешен човек и надворешна „гума“

Најчитани вести

Пред некој ден бев на вулканизер. И се сетив: кога бевме деца, кога ќе ни се дупнеше „гума“ на велосипедот, требаше прво да се извади внатрешната, да се залепи, па да се врати во надворешната. Сега веќе нема внатрешни гуми: само надворешни се. Ги викаат пневматици.
И луѓето се денес пневматици. Сѐ живо живее за надворешни нешта: кариера, диплома, успех, пари. Ретко кој има во себе внатрешен човек, „внатрешна гума“, па да се сожали на некого, да се сети на некоја своја лоша постапка, во крајна рака да има внатрешен монолог со себе. Шопенхауер велеше дека животот е промашен ако навечер, пред спиење, не сумираш: кому си му згрешил и кому си му помогнал дента. Ама ние сме надворешни луѓе, и бидејќи немаме внатрешна гума, немаме потреба ни од такво сумирање на денот.
Мојот интерес за внатрешниот човек започна некаде во гимназиските години, кога првпат се сретнав со романите на Достоевски. Таму „внатрешниот човек“ е погледнат од православна перспектива. Тоа некако не одеше со духот на тоа социјалистичко време, кога учевме марксизам и кога некои од нас стануваа членови на комунистичката парија уште во гимназиските клупи. Најверојатно и затоа, многу мал број мои соученици се интересираа за прашањата за Богочовекот, од една, и оние за острастениот „човекобог“, од друга страна, оној кој верува само во човекот и револуцијата како врвна човечка правда. И нашите професори по книжевност повеќе ставаа акцент на „внатрешната психолошка драма“ кај ликовите на Достоевски, отколку на драмата на богопознанието и богоотфрлањето кај нив. Во програмата беше ставено само делото „Злостор и казна“, во кое сѐ се сведува на граѓанско „гризење на совеста“ кај Раскољников, кој дури наоѓа алиби за убиството во револуцијата и нејзината социјална правда. Но јас веќе ги имав читано „Браќа Карамазови“ и „Идиот“, и веќе добро ја знаев срцевината на Достоевски.

Потоа дојдоа студиите по книжевност, кои поминаа во целосно световни предмети на проучување. Бев обземен со методите на проучување на книжевниот текст, од кои мојот интерес најсилно го привлекоа формализмот, структурализмот, семиотиката и, подоцна, деконструкцијата, која одеше рака под рака со постмодерната, на која како млад писател ѝ се воодушевував. Читав врвни егзистенцијалисти, модернисти и постмодернисти, и тогаш сфатив дека не мора човек да биде религиозен за да биде внатрешен човек. Ќе објаснам наједноставно: дури и кога го читавме Ниче (и неговите познати ставови за погубноста на христијанскиот морал), ние можевме да останеме ВНАТРЕШНИ ЛУЃЕ, како и старецот Зосима кај Достоевски. Како? Така. Прво, и самиот Ниче, за оние кои го читаа цел, а не во фрагменти и во туѓи интерпретации, се укажуваше како човек кој, како и Достоевски, го бара внатрешниот човек, но на поинаков начин. А второ, останувавме внатрешни луѓе со тоа што не се појавувавме на испит без да ги прочитаме СИТЕ книги од програмата; некои од нас го читаа и она што не беше во програмата. За кого го правевме тоа? За СЕБЕ. За внатрешниот човек во нас, кој, еве, новото „скратено“ време го отфрли, зашто денес се користат само надворешни гуми-луѓе. Такви беа, за жал, мнозинството: ги читаа само скриптите од предавањата, не и делата. Им беше важна дипломата, надворешната вредност, а не вистинското знаење. Тоа и станаа: луѓе со гума наместо образ.
Тогаш налетав и на книгата „За човековото ропство и слободата“ од Николај Берѓаев. Таа книга ми потврди сѐ што претпоставував за „внатрешниот човек“. Неговата „филозофија на персонализмот“ ме научи да се вардам од колективитетите. Уште Сенека велеше да не одиме таму каде што одат сите, зашто тој пат е и лесен и (затоа) погрешен, туку да одиме по тесниот пат на личноста. Еве што вели Берѓаев (го знам фрагментот наизуст): „Колективните личности, надличните личности, во однос спрема човековата личност се само илузија, плод на екстериоризација и објективизација. Нема објективни личности, има само субјективни личности. Во извесен поглед кучето и кокошката се повеќе личности, и поскоро ќе го наследат вечниот живот, отколку нацијата, општеството, државата, светот во целина. Никаква целост, тоталитет, универзалност нема надвор од личноста, ги има само во личноста, надвор од неа е само делумниот свет на објектите.“

Со тоа, а особено со учењето за екстериоризација и објективизација на вредностите на личноста, оваа книга дефинитивно ме оддалечи од општеството и политиката, и тоа во години кога човек најмногу се интересира за јавните работи и кога копнее и за јавни почести. Подоцна неколкупати добивав примамливи понуди за јавни и политички функции, кои ги одбивав, а моите пријатели мислеа дека нешто не е во ред со мене. Но јас верував и верувам (пред сѐ како уметник) дека светот не се сведува на „објективизацијата“ и дека мора да има нешто мистично зад него, дека тој по онтологија е мистерија, зашто во спротивно – навистина би бил бесмислен свет, како за Мерсо на Ками. Светот има смисла само ако во човека се допушти зрното на мистеријата, најкратко кажано. Светот нема смисла ако се сфати како конечност и материја: „сѐ што не е вечно е неподносливо“, вели Берѓаев.
Погледнете ги сите тие избезумени лица од насловните страници жедни за краткотрајна власт. Власта како управување со другите е најсилната надворешна, а мудроста како управување со себеси е најсилната внатрешна моќ. Погледнете ги тие до непрепознатливост изобличени лица на учесници на ТВ-дебати, каде што се караат како секој од нив да ја дознал најтајната мистична шифра на универзумот. Погледнете ги оние егзибиционистички слики на луѓе по социјалните мрежи, и ќе сфатите дека сите содржини на некогашниот внатрешен човек се екстериоризирани. Порнографијата, на пример, е екстериоризација не само на љубовта туку и на најскриените наши фантазии: сѐ што беше „авторско право“ на внатрешниот човек е веќе колективизирано, публикувано, емитувано во галаксијата на е-слики, од најчистите емоции до „забранетите фантазии“.

Затоа: да се упатиме кон внатре, кон сопствената личност, за да изградиме внатрешен човек. Да се одлепиме од човекот на нашето време, кој сите вредности ги гледа надвор од својата личност, во објективниот и материјален свет. Да се одлепиме од тој острастен антропоцентрик што во име на своја правда знае да истрела и револуционерен куршум во тилот на својот заробен брат во стрелачкиот строј, во кој гледа идеолошки непријател. Нашето време, како можеби ретко кое досега, ги избриша (претенциозно кажано ги деконструира) границите меѓу сите идентитети, дури и меѓу доброто и злото, па создаде мимикрија на доброто, негови совршени симулакруми, кои во суштина се еманација на чистото зло. Живееме во галаксија на слики, екстерни, а сѐ помалку имаме слики во нашата душа; сеќавањата ги сведовме на помнење поими и броеви, а не на помнење чувства или барем мириси, бои и звуци. Никогаш внатрешниот човек во нас не бил посиромашен од денес. И да нема шпекулации – иако го спомнав Берѓаев, кој е православен филозоф, не мора (и не треба, и не може) секој да биде монах или верник, ама секој може да биде внатрешен човек. Реков како: ако ти дале за читање 5 дела, ти прочитај минимум 6. Со една книга, остануваш гума што партиите ќе ја извозат, и кога ќе се излиже – ќе ја фрлат и заменат со нова, кај партискиот вулканизер.

Венко Андоновски

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com