Клучен државен интерес е што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во Европската унија. Поаѓајќи од изразената намера за членство во 2030-та година, ние, политичките партии претставени во Собранието, со своето делување се обврзуваме пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ – ова го пишува во Манифестот на политичките партии, застапени во парламентот од владејачката коалиција.
„Собранието да ги усвои уставните измени, за автоматско и безусловно одржување на втората меѓувладина конференција за отворање на преговорите, без дополнителни одлуки од земјите – членки, да се спроведат реформите, партиите да соработуваат и да ги споделат одговорностите и заслугите, процесот да биде отворен и транспарентен“, стои меѓу другото во Манифестот.
Ставот на опозициската партија е дека власта, преку Манифестот уште еднаш ја испуштила шансата за консензус.
Во потпишаниот Манифест, од 11 партии, стои дека Собранието ја задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ, доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара.