Полугодишните извештаи за износот и бројот на одобрени кредити за поддршка на микро и мали претпријатија со можност за грант компонента (Ковид 3 кредитна линија), како и за износот и бројот на одобрени кредити од Посебниот кредитен фонд – ПКФ (Ковид 1 кредитната линија) и кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва, се меѓу точките од дневниот ред на денешната редовна 23-та седница на Владата.
Според предложениот ред, на седницата ќе се разгледуваат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за трговија.
Владината прес-служба соопшти дека редовната 23-та седница се очекува да почне во 15 часот, а пред неа ќе бидат одржани две тематски седници, од 12 и од 14 часот.
Тематската 21-ва седница од 12 часот е со единствена точка на дневниот ред – Презентација на Светската банка на портфолиото на Република Северна Македонија и ќе присуствуваат и претставници на Светската банка.
На 22-рата тематска седница од 14 часот, пак, како што информира прес-службата на Владата, ќе се разгледува Информацијата за креирање на Националната развојна стратегија 2021-2041 со предлог методолошка рамка.
За донесените одлуки и заклучоци од денешните Владини седници, јавноста ќе биде информирана по нивното завршување.