1.8 C
Skopje
Sunday, January 29, 2023

Владата ќе му закачи европско знаменце на Законот за државјанство

Најчитани вести

За експресно да биде донесен Законот за државјанство усогласен помеѓу власт и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, веќе денеска Владата може да го достави до Собранието со европско знаменце, потврдуваат за Плусинфо од Владата.

И покрај договорот меѓу Владата и опозициските партии на Албанците, законот за државјанство остана блокиран во Собранието.

– Правиме напори денеска на владина седница да помине усогласениот текст на Законот за државјанство. Законот ќе биде со европско знаменце, бидејќи државјанствата на ниво на Европа се уредени со Европски регулативи. Што и да се менува во таквите закони е со европско знаменце – вели за Плусинфо функционер од Владата.

По бурните реакции прво, дали се потребни измени на Законот и второ, преговорите и договорот меѓу власта и АА-А за измени на Законот, тој сега е закочен во Собранието во фаза на комисиска расправа.

Дека Законот по брза постапка, односно со европско знаменце е можно да биде испратен во Собранието за да се надминат блокадите претходно најави пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче. Тој ова го најави како варијанта Б, доколку се блокира расправата во Собранието.

– Се разбира, ако гледаме навистина, значи има блокади, сигурно ќе одиме на втората варијанта преку европско знаменце. Зошто? Затоа што прво, имаме согласност од страна на Владата и второ, навистина се работи за човекови права и трето, сигурно според сите европски и меѓународни конвенции нема логика да има луѓе без државјанство во ниту една држава, а ние имаме луѓе што се без државјанство – вели Снопче.

Овој проблем, како што рече, мора да се реши и според меѓународни стандарди, и смета дека нема пречка да се донесе овој закон со европско знаменце.

Од коалицијата АА-А велат дека тие го доставиле усогласениот текст на Законот со власта до Владата и дека сега на потег се од „Илинденска“.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, неодамна за „Утрински брифинг“ изјави дека класична злоупотреба на европското знаменце е доколку владата се реши на тој начин да го носи Законот за државјанство.

Милошоски потенцира дека ЕУ нема унифициран акт или резолуција во однос на државјанствата и затоа не може да се врши злоупотреба на европското знаменце и тоа е неделовнички и погрешно, исто како што е погрешно за истиот да одлучуваат само две или три партии, а не сите.

– Законот за државјанство е неусогласен помеѓу сите политички партии и не е соодветно тој да биде договорен помеѓу 2 или 3 партии, а да исклучи други 4 или 5. Тој ги опфаќа сите граѓани и треба да ги опфати сите партии во договарањето за дополнувања на тој закон. Владата реши да оди со помал број на партии во договарање и тоа не е во ред. Второ, тој закон има многу слабости кои се спротивни на европските практики како се стекнува државјанство – рече тогаш Милошоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да коментираат што ќе преземат доколку Владата го предложи Законот со европско знаменце. Од таму велат дека прво ќе почекаат да видат што и како ќе помине на Влада.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести