Home » Владата пак ги замрзнува маржите – фрчат казни за трговците што ги набилдале цените

Владата пак ги замрзнува маржите – фрчат казни за трговците што ги набилдале цените

by Журнал.мк

Маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло ќе биде 5 отсто, а за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко маржата ќе биде 10 отсто.

Владата од среда ја замрзнува маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо. Мерката ќе трае до 30 септември и со неа е предвидено маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло ќе биде 5 отсто во трговијата на големо и на мало. За јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко маржата ќе биде 10 отсто.

Ваквата одлука се носи откако трговците ги зголемија цените на производите. Доколку се констатира нагло зголемување и кај други производи, ќе се зголеми листата на производи со замрзната маржа, најави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Според одлуката за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови.

„Се наоѓаме во економска криза, најголема после Втората светска војна и затоа не е време да се направат истите профити како пред оваа криза“, вели Бектеши.

Профитери во време на криза

Цените нагло рипнаа откако завршија тримесечните антикризни мерка на Владата, кои беа на сила до 1 јуни, а со кои беа замрзнати цените на основните прехранбени производи. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека откако инспекциите излегле на терен по укажувањата за вештачко зголемување на цените, тие се вратиле по старо или стагнираат. Тој укажува дека имало такви зголемувања на цени со маржи кои што оделе и до 70% од цената што е неприфатливо и е удар врз граѓаните.

Фрчат казни за трговците

Државниот пазарен инспекторат од почетокот на јуни открил 30 неправилности кај трговците на мало и големо коишто ја злоупотребиле економската криза и одмрзнувањето на цените и енормно ги зголемиле цените на производите. Директорката на пазарниот инспекторат, Анета Симеска Димоска за ДВ вели дека се извршени вкупно 213 надзори во сите градови, а прекршувањата најчесто се направени по два основи – или трговците немале евиденција во објектот, или таа не се водела согласно Правилникот за водење на евиденција во трговијата на големо и мало или има отстапувања.

Најголеми злоупотреби се забележани на 3 јуни, кога започнаа контролите. Дел од трговците покрај тоа што ги одмрзнале цените и на нив пресметале 5 отсто ДДВ, вкалкулирале и маржа од осум, а некаде и по 25 и 27 проценти. „Имаше случаи каде цените беа зголемени со маржи од 38 проценти за одредени производи“, вели Димоска.

Најголемо зголемување на цените било забележано кај тестенините на почетокот на јуни – некои трговци овие производи ги продавале со вкалкулирана маржа во цената од дури 35%, а граѓаните се жалат дека се вивнати до небо и цените на зејтинот, шеќерот, брашното, месото… Казните за трговците коишто ги прекршиле законите зависат од големината на субјектот којшто го поседуваат и се движат од 400 до 5.000 евра. Според Димоска, инспекциите и казните ги пишманиле дел од трговците – па дел од нив ги вратиле цените по старо.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More