33.8 C
Skopje
Sunday, July 25, 2021

Владата не се откажа од повисока еколошка такса, компаниите и граѓаните гневни

Најчитани вести

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на законот за животна средина со која се предлага зголемување на еколошката такса за увоз на нафтени деривати. Компаниите, граѓаните и опозицијата реагираат дека тоа ќе влијае на стандардот на граѓаните и ќе ги зголеми трошоците на компаниите чија односна дејност е превоз на стоки и услуги. Планирано е преку оваа такса државата годишно да прибере 54,6 милиони евра кои ќе треба да се вратат како инвестиции во екологијата.

Предложено е зголемување на еколошката такса за увоз на нафтените деривати за 3,5 денари за моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и за авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстралесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут), како и зголемување од 3,1 денар за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 г/л како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите предвидени деривати.

Владата појасни дека основна цел поради која се предлагаат овие измени и дополнувања се доуредување на делот за финансирање во животната средина, доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

Компаниите,пак, велат дека со оваа давачка ќе се зголемат нивните трошоци. Посебно незадоволни од новиот износ на давачката се превозниците кои ќе имаат загуби бидејќи нема да можат да ги поскапат услугите поради конкуренцијата од надвор. Тие велат дека иако имаат големи инвестиции во набавка на возила кои помалку загадуваатсега ќе треба да плаќаат и поскапо гориво, а акцизата остана иста од лани кога во пандемиска година беше зголемена.

– Со зголемената акциза и овие 4,13 денари како еколошка такса по литар е навистина голема сума, а овие возила не се возат за луксуз туку за извршување на дејноста. Годишните пресметки за горива се навистина големи – изјави неодамна за Плусинфо генералната секретарка на транспортната асоцијација Макам-транс Билјана Муратовска.

Од групацијата велат дека има други начини да се обезбедат повеќе пари а заштита на околината, а примери можат да се најдат во европските земји, но и во регионот.

Макам-транс подолг период бараат средба во владата за да ги објаснат своите порблеми и предлозите поврзани со повисоката цена на еколошката такса и високата акциза. Дури утре, два дена по донесување на измените вицепремиерот Фатмир Битиќи ќе има средба со претставници на оваа групација.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека еколошката такса дополнително ќе го осиромаши населението, а одделни моќници во власта ќе имаат дополнителна можност за полнење на сопствените џебови.

– Зголемената цена на горивата со таканаречената зелена такса ќе влијае и на зголемување на цените сите производи, од прехранбени до услуги. Над 100.000 земјоделци се главно погодени од ова покачување на горивата и тие ќе имаат уште поголеми трошоци за производство. Народот и стопанството во целост преку зелената такса ќе го плаќаат крадењето на власта во изминативе години. Преплатените јавни набавки и изборниот поткуп го испразнија буџетот и заради истите Заев ја задолжи Македонија 2.4 милијарди евра, а секое семејство во просек по 4.800 евра – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

И граѓаните негодуваат бидејќи ќе полнат поскап бензин во наредниот период.

– Се поскапе во изминатите неколку месеци. Горивото има нова цена секоја недела, а сега на тоа ќе се додаде и повисока еколошка такса. Па нели веќе плаќаме при регистрација за екологија. Сега и од горивото и од што друго се планира. Нема крај, а платата никој не размислува да ја зголеми. Премиерот вели да сме возеле велосипеди, но не им наложува на министрите истото да го прават кога одат на работа. И без да ни каже што да возиме ние веќе се преориентиравме на автобус, ама треба да очекуваме и нова цена на билетите зашто и ЈСП ќе треба да плаќа повеќе за горивото. Се разбира на чиј грб одат нови такси, нови даноци и се нешто ново? На грбот на граѓаните. – вели револтиран граѓанин.

Законските измени ќе треба да минат и во Собранието пред да почнат да се применуваат.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести