3.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

Владата не падна, опозицијата бара брзи предвремени избори

Најчитани вести

Во Собранието вчера не се гласаше за иницијативата потпишана од новото собраниско мнозинство за гласање доверба на Владата. Пратеникот на Беса Кастриот Реџепи не се појави во текот на целиот вчерашен ден, не се јавувал на мобилниот телефон, а со јавноста комуницираше само преку социјалните мрежи. За опозицијата нема никакво сомневање дека се работи за класично киднапирање на еден пратеник. Седницата пред полноќ ја затвори претседателот на Собранието Талат Џафери, со образложение дека поради немање кворум, не е отворен дневниот ред и не може да се отвори дебата за гласање доверба на Владата.

Претходно, по неизвесноста и бурниот ден, пратениците од опозицијата си заминаа од Собранието, изјавија дека не ја повлекуваат иницијативата и побараа брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза.

„Поради тоа што не е отворен дневниот ред не може да се отвора дебата за гласање на недоверба на Владата. Констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и врз основа на ова Владата продолжува со полниот состав и со должностите што ги има. Седницата за гласање доверба на Владата е завршена“, констатира синоќа Џафери.

Според процедурите на Деловникот, Џафери појасни дека од моментот на прашањето за доверба на Владата, Собранието има право на третиот ден да дебатира за прашањето за доверба на Владата поднесена од опозиција со 61 потпис.

На затворањето на собраниската седницата синоќа беа присутни само претставниците на Владата предводена од Зоран Заев.

Откако беше затворена седницата, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби пред Собранието во изјава за медиуми рече дека граѓаните треба да бидат спокојни оти вечерва победила евроатлантска Македонија.

„Победи Македонија со добрососедски односи. Македонија во добри пријателски односи со САД, со ЕУ, Македонија во добри односи помеѓу заедниците и благодарен сум и на сите коалициски партнери“, изјави Груби, порачувајќи дека со ова парламентарно мнозинство останува загарантирана интеграцијата во Европската Унија.

Прашан дали „Алтернатива“ е новиот партнер, Груби рече дека добредојдени се сите кои посакуваат земјата да е интегрирана во ЕУ, да има добрососедски односи, мир и стабилност.

Претходно, пратениците од опозицијата си заминаа од Собранието, но како што изјавија не ја повлекуваат иницијативата за гласање доверба на Владата. Бараат брзи предвремени парламентарни избори за излез од политичката криза.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во име на коалицијата синоќа пред Собранието изјави дека демократијата е погазена и оти власта се обидува по секоја цена да остане на власт.

„За жал, имаме уште еден ден којшто ќе остане запишан во црните страници на македонската историја затоа што денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник. Денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто видено на просторот на Европа. За тоа ќе има одговорност многу побрзо од тоа што мислат, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите тие коишто денеска киднапираа пратеник и сите оние кои денес одземаа телефони од пратеници, ги чуваа пратениците во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат и направија се македонската демократија да биде погазена“, рече Николоски.

На почетокот на седницата, вчера претпладне, присуствуваа 61 пратеник, но претседателот на Собранието Талат Џафери ја напушти седницата бидејќи, како што рече, не ја поддржува иницијативата и го повика потпретседателот на Собранието Фадил Зендели да ја води седницата. При пребројувањето беше констатирано дека на седницата присуствуваа 60 пратеници. Пратениците од владејачките партии СДСМ и ДУИ не присуствуваа во салата, а без нив и без Кастриот Реџепи од Беса кој најави дека нема да учествува на собраниската седница, опозициските пратеници заедно со уште двајцата пратеници од Беса се 60.

Според членот 95 од парламентарниот Деловник, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 61.

Откако пратеникот од Беса Кастриот Реџепи објави дека нема да учествува на седницата, се појавија шпекулации за негово наводно исчезнување и киднапирање.

Лидерот на Беса Биљал Касами рече дека власта со вакви механизми може да обезбеди и 120 гласа.

„Ова веќе е делегитимација затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт“, изјави Касами.

Касами информираше дека „пријавил оти пратеник на движењето Беса е исчезнат“, како и неговото најблиско семејство – мајка, жена и син и ги повика властите да го најдат каде е и да објаснат зошто 24 часа не е достапен.

Тој претходно рече дека Беса стои на ставовите за пад на овој режим и оти последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на се за да остане на овие позиции.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека се отвораат многу шпекулации за непојавувањето на пратеникот на Беса Кастриот Реџепи во Парламентоти и ниту претседателот, ниту премиерот немаат став околу тоа каде се наоѓа тој.

Тој рече дека уште вчера се шпекулирало дека ова ќе се случи и дека ако се потврди дека се тргувало со пратеници „во државава веќе не вреди да се занимава човек со политика“.

Непосредно по објавувањто на шпекулациите, пратеникот Кастриот Реџепи се огласи со видео порака до јавноста преку својот Фејсбук профил. Тој на почетокот се заблагодари за поддршката и вели оти сигурноста и стабилноста на државата, мирот и благосостојбата на народот, треба да биде да биде најважната работа за сите.

„Сакам да ви се заблагодарам за поддршката. Сигурноста и стабилноста на земјава, мирот и бллагосостојбата на нашиот народ, дефинитивно треба да биде најважната работа за сите. Претседателот Биљал Касами и другите не треба да се загрижени за мене. Јас сум на сигурно место, на вистинската страна сум, со Албанците сум, и со сите граѓани на земјава кои сакаат мир, слобода и демократија“, вели Реџепи во пораката на Фејсбук.

Тој нагласува дека е со ЕУ и НАТО и не е со антиалбански кругови.

„Ова ви го велам со чиста совест и штом ќе поминат некои опасности од закани од страна на одредени индивидуи, ќе се појавам пред медиумите и се ќе објаснам. Секогаш ќе се залагам за слобода на изразувањето, за слободниот став на носење одлуки, што е доблест на демокраското општество. Господ да ги благослови Албанците, Македонците и сите што живеат во Република Северна Македонија“, додава Реџепи во објавата.

Во меѓувреме, координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека ќе расте. За пратеникот Кастриот Реџепи рече дека според информациите со кои располага, притисок врз него вршела опозицијата, а не власта.

За случувањата во Собранието, како што рече Митрески, виновен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ја излажал јавноста дека има 61 пратеник.

Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми истакна дека пратениците се за една влада, која негува европски и евроатлантски вредности, така што, рече тој, срцето на господинот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел. Прашан дали имале контакт со пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, Адеми рече „не“, но не одговори на прашањето „колку пратеници стојат зад владата“.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com