„Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во
2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на
технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени
случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и
сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во
институциите и медиумите“, изјави на денешната прес-конференција
премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати
се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на
традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле
споделувани и од територии на други држави.
„Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за
отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план
за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја
зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата
земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата“, рече Заев.
Тој појасни дека планот ќе биде даден на јавна дискусија и оти до
изработката на неговата финална верзија ќе бидат чуени мислењата на сите
чинители во општеството. Планот се состои од два дела, во првиот се
опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.