1 C
Skopje
Wednesday, January 27, 2021

Владата еуфорична за НАТО, реално оптимистичка за преговори со ЕУ

Најчитани вести

Северна Македонија на вчерашниот самит на НАТО застана рамо до рамо, како рамноправна и речиси полноправна членка, со сите лидери на Алијансата и беше дочекана и поздравена како таква, со ветување од Мадрид за брза ратификација.

Премиерот Зоран Заев последните два дена во Лондон имал прилика да размени мислење неколку пати и со францускиот претседател, Емануел Макрон, кој во октомври го блокираше отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ условувајќи го со длабока реформа на преговарачкиот процес.

Запрашан дали во разговорите со Макрон добил позитивни вести за можно одблокирање на процесот во наредните месеци, Заев порача дека верува во добри вести наскоро, но со „реалистичен” оптимизам.

-Јас сум уверен дека следува убава одлука, убаво време за нас, не можам да споделам ништо затоа што како најголем оптимист, сега сум реалистичен оптимист. Работите се движат во позитивна насока, наше е да продолжиме да работиме, да продолжиме со реформи и се надевам дека вистинската одлука ќе биде донесена, односно историската грешка што ја направија ќе биде исправена, не сакам со тоа да делам оптимизам никако, треба да бидеме посветени да ја европеизираме Македонија со повеќе вредности и реформи а штом ќе одлучат да ни соопштат, изјави вчера премиерот Заев.

Макрон, од своја страна, се покажа многу порезервиран во однос на отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија и одбива по секоја цена да ги одвои двете земји, сметајќи дека тоа би било „смртоносна” грешка.

-Пред било кое ново отворање преговори многу експлицитно кажав дека сакам да се реформира процедурата, таа да биде реверзибилна и да овозможи диференцијација, да биде пополитичка и да биде придружена од фази на стратешки партнерства со соодветни инвестиции, објасни шефот на француската држава.

Тој смета дека Балканот треба целосно да биде дел од Европската Унија и дека тоа е геополитички предизвик.

-Целта кон Западниот Балкан ни е целосно да ги вкотвиме од европска страна, тоа е геополитичкиот предизвик, тоа вкотвување можеби поминува преку перспективата на зачленување за некои, но треба да бидеме јасни дека поминува преку фази на стратешки партнерства и инвестиции. Основа грешка што ја направивме колективно беше да сметаме дека нашиот единствен однос кон западниот Балкан е членството. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години, па отвораме и никогаш нема да затвориме, смета Макрон, додавајќи дека механизмот на „автоматско” проширување кон западниот Балкан не е „здрав”.

Тој не пропушти да ги пофали постигнувањата на Владата на Северна Македонија во однос на договорот со Грција и уставните промени, но се чини дека тоа за него не е доволно за позитивна одлука во брзо време.

-Сметам дека пристапната процедура е премногу бирократска, конфузна, не е читка, не може да се сопре и не е релевантна, вклучително за засегнатите земји. Прашајте ги Србите дали им се менува животот на секое отворање поглавје, мораме да ја реобмислиме процедурата на постратешки начин, рече Макрон.

Францускиот претседател сепак остави надеж дека до самитот ЕУ-Западен Балкан под хрватско претседателство во мај некакво поместување е можно.

-Пред било кое отворање на преговори процедурата мора да се направи пореверзибилна и се надевам дека ќе успееме тоа да го сториме пред самитот во Загреб, рече Макрон и додаде дека отворањето преговори нема да значи никаков автоматизам во однос на затворањето на тие преговори.

Тој им упати порака и на другите земји членки на ЕУ во однос на иднината на проширувањето и рече дека нема да прифати нова земја членка во ЕУ доколку претходно не се реформира процесот на консензуално одлучување и не се воведе поголема стапка на одлучување преку квалификувано мнозинство. Друг услов ќе биде земјите на ЕУ да прифатат дека не може секоја земја членка да има свој комесар во Европската Комисија, како што впрочем предвидува Лисабонскиот договор, но е одредба која сѐ уште не се применува поради тоа што голем број земји членки одбиваат да се откажат од таа „привилегија”, иако, во теорија, еврокомесарите треба да се целосно независни од земјите од кои доаѓаат, како и од политичките партии.

Според него тие што сакаат проширување треба да одговорат и на прашањата поврзани за внатрешните реформи на ЕУ, чија цел е да се поедностави процесот на одлучување и на функционирање на Унијата.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести