Од денеска, според најавата на премиерот Димитар Ковачевски, Владата ќе ја разгледува Предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека текстот е проследен до Министерството за правда и во наредниот период дискусијата допрва треба да се развие.
Работната група на седница во петокот ја усвои Предлог – иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за негово изменување и дополнување.
Премиерот Ковачевски во саботата изјави дека Предлог-иницијативата во понеделник односно денеска ќе биде во архивата на Владата и дека потоа ќе се најде на седница на Владата.
„Владата ќе го разгледа со големо внимание со оглед на тоа дека во подготвувањето на предлогот учествуваа професори по уставно право, професори по сродни права на уставното право, претставници од практиката на уставното право и претставници на политички партии. Потоа согласно процедурата откако Владата ќе го разгледа и усвои ќе го достави до Собранието бидејќи ова е во моментов најзначаен процес во државата“, изјави Ковачевски.