8.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

(Видео) Заев: Македонските граѓани не можат да ги оправдаат блокадите, а довербата од нив ми е дадена за да барам решенија

Најчитани вести

Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија. За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија, рече премиерот Заев во завршницата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан.

Тој нагласи дека пораките од францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото.

„ Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи.

Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година.

Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија. Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш после изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања.

Но, исто така, не е нова вест, дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање“ истакна Заев.

Тој порача дека Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ, не само за нас туку и за целиот регион.

„ Нашиот успех во европеизацијата на земјата беше признаен и потврден со одлуката на Европскиот совет во март минатата година за почеток на преговорите за нашата земја. Ние oстануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Северна Македонија“ заклучи Заев.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com