Поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски претпладнево, по 35 дена во затвор, бил пуштен од „Идризово“. Како што информира Телма, надвор го чекале два автомобила. Даравелски се качил во едниот со затемнети стакла и се упатил кон Куманово не одговарајќи на новинарски прашања.
Даравелски, најверојатно, наскоро ќе биде слободен човек откако Основниот кривичен суд Скопје и Апелацискиот суд му го одобрија барањето да добие ново судење. Тој во отсуство во 2008 година правосилно беше осуден за делото злоупотреба на службената положба и овластувања, за кое е речиси извесно дека настапила застареност, па на стартот на новиот судски процес тоа веројатно само ќе се констатира.
Официјално, од Кривичен рекоа дека постапката против Даравелски не е запрена.
„Заради појаснување, известуваме дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување“,
посочија вчера од Судот.
Меѓутоа, откако новиот предмет ќе биде распореден кај нов судија, како што брифираат упатени во проблематиката, судијата може сам да констатира застареност или за тоа да поднесе барање неговиот адвокат.
Апсолутна застареност за Даравелски има со оглед на тоа што активностите за делото за кое се гони (злоупотреба на службена положба и овластувања) биле во периодот од 1999 до 2002 година. Соодветно на ова, доколку е предвидена максимална казна од 10 години, со завршувањето на 2022 година настапила апсолутна застареност бидејќи поминало двојно повеќе време (во случајот 20 години) од предвидената максимална затворска казна.