Макс Верстапен е воодушевен од идеалниот почеток на сезоната и доминантниот настап на Ред Бул во Бахреин, но предупредува дека следната патека во Саудиска Арабија може да прикаже сосема поинаква слика.
Во саботата, Верстапен ја обезбеди пол-позицијата со десетинка предност пред тимскиот колега Перес, а во трката, по добриот почеток, јурна во водство и му бегаше една секунда на второпласираниот Леклер по првиот круг.
Подоцна Верстапен само ја контролираше предноста што ја имаше пред најблискиот конкурент и стигна до својата прва победа во Бахреин.
„Ова е токму почетокот што го посакувавме, двојна победа“, рече Верстапен.
„Неверојатно сум горд што го постигнавме ова како тим. Рано видов дека имавме брзина во болидот, можев да изградам водство од самиот почеток и потоа можев да го контролирам до крајот на трката, тоа беше лесен ден за нас“.
„Исто така, убаво е чувството што конечно победив во Бахреин, немав баш најдобра историја овде“.
„Во очекување на Џеда, тоа е сосема поинаква патека со различни услови, има многу долги правци и брзи свиоци, така што ќе ни даде сосема поинаква слика за тоа каде се сите, но барем ова беше многу добар почеток за нас“.
Ова беше 36-та победа за Верстапен во Формула 1, а ден претходно ја обезбеди 21-та пол-позиција.