Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, ги подигна тензиите по интервјуто за српскиот „политички православен“ портал „Стање ствари“. Во него таа зборува за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, за владеењето на Никола Груевски, антиквизацијата, Преспанскиот договор, Југославија, блискоста на Македонците со Србите, но најмногу внимание предизвикаа нејзините одговори за автокефалноста на МПЦ, односно можноста за федерализација на Македонија.
Василевска, наводно, вели дека проектот за независна самостојна македонска црква не заживеал, при што политичарите не би требало да се мешаат во црковниот спор. Нејзе лично ѝ било сеедно доколку се држиме до Библијата и во духот на православната религија.
На прашањето дали во иднина има опција за некаков сојуз на Македонија со Србија, Василевска одговара оти тоа треба да се разгледа, бидејќи сме во ситуација во која правно-политички не можеме да егзистираме, одземено ни е правото на слободно изјаснување и не можеме да ја сочуваме националната држава.
„Една од опциите е активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година: Дали сте за суверена и независна Македонија, со право на здружување со независните држави на Југославија. Во овој момент никој не размислува во тој правец. Но, доколку оваа идеја би била реална, други тоа не би ни го овозможиле без крв. Потребно е на глобално ниво да дојде до договор меѓу големите сили. Моментно, Македонија не може да се поистовети со Србија, која отиде чекор напред. Му се воодушевувам на Вучиќ и на неговата политика на неутралност. Тоа е вистински пример како една држава треба да се однесува во меѓународните односи. Штета што Македонија не се раководеше по примерот на Србија. За почеток, ние прво треба да добиеме легална власт, потоа да изградиме функционални институции. Потребно е да промениме некои работи што нѐ уназадуваат, па потоа да одлучиме што понатаму и како да ги сочуваме регионалните и глобалните интереси на нашите народи“, рекла Василевска.
Таа подоцна излезе со демант во кој тврдеше оти воопшто не станувало збор за интервју, туку за слободен разговор и академско толкување на состојбите на Балканот, при што ѝ биле извртени зборовите.
„Српскиот медиум објавува нецелосни ставови, надвор од контекстот на искажаните реченици. Всушност, српскиот портал прави целосно извртување на изнесени ставови од академско толкување, ставови што не ги задираат македонско-албанските односи. Тоа што не е пренесено е ставот дека не сите соседи на државата се согласуваат на бришењето на македонскиот народ, идентитет, посебност и унитарна држава, потоа дека се работи за академско толкување на идни раздвижувања на светските сили предизвикани од можна федерализација на државата, што не би било можно без воено насилство. Не се пренесени и целосно се извртени и толкувањето на црковниот спор, при што целосно е лажно пренесен ставот што се однесува на заживувањето на т.н. црква на Вранишковски, а не на Македонската православна црква. Демант и барање за извинување е испратено и до српскиот медиум, особено што предизвика лавина од лажни вести и толкувања во Македонија. Убедена сум дека преку моите медиумски настапи, граѓаните во Македонија се запознаени со моите ставови и нема да потпаднат во виорот на манипулациите и злоупотребите на кои се базира неавторизираното интервју“, наведува Василевска во демантот.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти „сѐ што било објавено во медиумот, а професорката веќе го демантирала, не се ставови на партијата“.
Од СДСМ пак го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека работи на враќање на режимот и на поделбите во државата.
– Додека СДСМ и сите прогресивни партии работат на интеграција во ЕУ и НАТО, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат припојување со други држави. Додека државата се гради како едно општество на сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште ги плашат граѓаните со наводни федерализации, кантонизации и распад на државата. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против граѓаните, против државата, против Македонската православна црква и против концептот едно општество за сите. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ под водство на Христијан Мицкоски“, стои во реакцијата на владејачката партија. Според неа, високи функционери на партијата, членови на Извршниот комитет, меѓу нив и Иванка Василевска сè уште го бранат и оправдуваат насилството од 27 април во Собранието кога беше извршен обид за убиство на пратеници и беше загрозен уставниот поредок. „Тоа е обнова на режимот, обнова на поделбите, изолацијата што ја нудат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, порачуваат од СДСМ.