Јавното обвинителство под контрола на Зоран Заев трет ден молчи во врска со сомнежите и доказите излезени во јавноста за 7 милионскиот криминал сторен од страна на Драги Рашковски при набавка на систем за летање, изјави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече, информациите кои излегле во медиумите укажуваат дека Рашковски доделил тендер на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со воздушниот простор во вредност од 7 милиони евра, иако важноста на тендерската документација била истечена.
„Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му се заканува казна затвор од најмалку 5 години. Јавното обвинителство треба да се ослободи од притисокот на Зоран Заев и да поведе постапка за расчистување на овој случај во кој постојат сериозни индиции дека е оштетен буџетот на Република Македонија. Со цел непречено одвивање на истрагата потребно е Јавното обвинителство веднаш и неодложно да побара определување на мерка притвор за Драги Рашковски и другите вмешани со цел непречено одвивање на истрагата. Јавното обвинителство треба да побара притвор затоа што постојат сериозни можности Рашковски од позицијата на генерален секретар на Владата да влијае врз текот на постапката, сведоците, вештаците, соучесниците и прикривачите“, рече Василевска.
Таа додаде дека имајќи предвид дека се работи за државен функционер од висок ранг, кој има сериозен број контакти во земјава и странство можно е и бегство на истиот.
„Дополнително Јавното обвинителство треба да побара мерка притвор затоа што постојат оправдани сомнежи дека Рашковски може да го продолжи кривичното дело и да стори ново дело, особено ако се земат предвид обвинувањата на поранешниот директор на Клинички центар Скопје, Ваљон Беља кој тврди дека Рашковски бил вмешан и во местење тендери и земање провизии и од тендери во министерството за здравство“, рече Василевска.