Време е за нови возбудувања од Првата македонска фудбалска лига. Четири натпревари од четвртото коло на ПМФЛ ќе бидат денес на „менито“ за љубителите на мак-фудбалот.
Гостивар ги бара првите бодови во елитниот фудбал и ќе биде домаќин на Работнички, но скопскиот тим ја има благата фаворитска улога затоа што имаше повеќе од солиден почеток на сезоната. „Романтичарите“ досега забележаа два триумфа и еден пораз, а денес имаат шанса за нов прогрес на табелата. Гостивар беше меѓу тимовите кои доведоа најмногу засилувања летово, па се очекува цврста борба за секоја топка на теренот и евентуална прва победа во најсилното друштво.
Македонија ЃП на домашен терен ќе го пречека Шкупи. Ова ќе биде дуел на две екипи кои не стартуваа идеално, а „лавовите“ ќе се обидат да го поправат впечатокот после минималниот пораз од Работнички во минатото коло. Шкупи има само четири бодови од првите три натпревари и сигурно ќе сака да освои бод(ови) на жешкиот терен во Ѓорче Петров. Овде очекуваме тврд и неизвесен дуел, но нема да биде изненадување доколку просведочиме и неколку голови.
Скопски Вардар со новиот стручен штаб и со тренерот Александар Васоски, ќе се обиде да ги освои првите бодови по враќањето во ПМФЛ. Дуелот со Силекс пред дваесетина години беше најголемо дерби во Македонија, но иако денес не е така, сепак вардаровите навивачи очекуваат конечно нештата да тргнат на подобро и скопската гордост да фати добар ритам за продолжението од сезоната. Мисијата нема да биде лесна, Силекс е сериозен тим со добар ростер, па останува да видиме што ќе ни понуди овој интересен меч.
Дербито на денешниот ден ќе го одиграат екипите на Шкендија и Брегалница. Се работи за два тима кои во моментов се на третото и петтото место на табелата, а тетовчани ја имаат фаворитската улога на домашен терен. Брегалница досега забележа две победи и еден пораз, а Шкендија ќе има шанса за исполнување на максимален учинок, затоа што има две победи во два одиграни натпревари.
Единствена екипа со максимални девет бодови во моментов е Брера Струмица. Тимот на Џовани Валенти својот дуел против Тиквеш ќе го одигра утре. Сите натпревари од четвртото коло ќе започнат во 16:30 часот.