Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека сите страни мора да извлечат поуки од украинската криза.
Покрај тоа што сериозно ја погоди Европа, украинската криза произведе негативен ефект на прелевање кој се прошири низ целиот свет. Заради долгорочни интереси, сите страни треба да истражуваат за изградба на балансирана, ефикасна и одржлива европска безбедносна архитектура за да се постигне траен мир и безбедност“, изјавил кинескиот министер за надворешни работи во телефонскиот разговор со неговиот унгарски колега, Петар Сијарто.
Ји повторил дека Кина не е странец за украинската криза, мислејќи на критиките на Пекинг за неговото одбивање директно да ја осуди руската војна против Украина.
„Ниту зазедовме страна, ниту ќе долеваме масло на огнот. Секогаш цврсто и упорно ги промовиравме мировните преговори“, кажал тој.
За време на разговорот, Сијарто изјавил дека Кина никогаш не била ривал на Европа, туку партнер кој носи можности за соработка, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Тој го информирал Ванг за актуелната ситуација во Европа, особено за економските и финансиските предизвици со кои се соочува Унгарија поради прелевањето на украинската криза.
„Унгарија ќе продолжи да се посветува на унапредување на соработката меѓу ЕУ и Кина, која се карактеризира со меѓусебно почитување, правичност и заемна корист“, изјавил Сијарто.