0.8 C
Skopje
Saturday, January 28, 2023

Вакцинацијата се одвива непречено, денеска теренска вакцинација во 60 населени места

Најчитани вести

Епидемиолошката состојба со ковид-19 засега останува стабилна. Како што соопшти вчера Министерството за здравство во деноноќието меѓу средата и четвртокот биле регистрирани 17 нови случаи на заболени од ковид-19, а во меѓувреме продолжува и теренската вакцинација, која денеска ќе се одвива во 60 населени места во државата.

Надлежните уверуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови. Воедно, апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Според последниот извештај од Министерството за здравство ревакцинирани се 305.804 граѓани.

Последните бројки укажуваат на тоа дека најмалку една доза вакцина имаат примено 61 отсто од населението над 70 години, 58 отсто од граѓаните над 65 години, 53 отсто од оние над 60 години и 43 отсто од лицата над 50-годишна возраст.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.

„Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба“, информираат од Министерството.

Исто така, сајтот „vakcinacija.mk“ е отворен и за закажување на термини за вакцинација на децата.

Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 арена во Скопје.

Согласно вчерашните податоците од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени вкупно 2.896 тестирања. Од новите случаи на заболени, девет се во Тетово, во Скопје шест, а во Прилеп и Гостивар по еден.

Регистрирани сe седум оздравени пациенти и тоа од Куманово и Тетово по три, и Скопје по еден. Едно лице од Скопје почина, во болнички услови.

Со ова, досега во земјата се направени вкупно 941.178 тестирања на ковид-19. Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.981. Бројката на оздравени пациенти е 150.251, на починати е 5.489. Вкупно има 214 активни случаи.

Инаку, Светската здравствена организација вчера предупреди дека пандемијата со коронавирусот најверојатно долгорочно и далекусежно ќе влијае врз менталното здравје ширум светот.

Од СЗО сметаат дека психолошките лузни што ги остави пандемијата произлегуваат и од инфекцијата и од стравот од инфекција, но и од психолошките последици од заклучувањето и самоизолацијата, за што многумина се одлучија во обид да го запрат ширењето на болеста.

„Сите се погодени на еден или друг начин. Грижата за пренесување на вирусот, психолошкото влијание од затворањето и самоизолацијата придонесоа за кризата во менталното здравје, заедно со стресот поврзан со невработеноста, финансиските грижи и социјалното исклучување. Ефектите од пандемијата врз менталното здравје ќе бидат долгорочни и со трајни последици“, соопштија вчера од СЗО.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести