23.8 C
Skopje
Saturday, June 25, 2022

Важно е да се слави

Најчитани вести

Според некои пресметки во медиумите, прославата на роденденот на ДУИ чинела околу 100 илјади евра. Ситно и скромно, имајќи ја предвид економската криза во која се наоѓа државата, а секако и граѓаните што секој ден мака мачат да врзат крај со крај.

Демократската унија за интеграција деновиве помпезно ја прослави 20-годишнината од своето основање. По тој повод, интегративците бомбардираа во медиумите и на социјалните мрежи со реклами, пораки и видеа преку кои се фалеа за своите успеси и достигнувања. Во изминатите три дена, на Англичаните од секој ќош им мавташе кралицата Елизабета, а нам ни мавташе Али Ахмети.

Според некои пресметки во медиумите, прославата на роденденот на ДУИ чинела околу 100 илјади евра. Ситно и скромно, имајќи ја предвид економската криза во која се наоѓа државата, а секако и граѓаните што секој ден мака мачат да врзат крај со крај. Но, тоа не претставува никаков проблем за Ахмети. Лидерот на ДУИ како да живее во некој друг универзум. Барем така се прикажа себеси во гостувањето на „Клик плус“. Ахмети не знае ниту колку чини зејтинот ниту колку пари треба да се издвојат за да се купи брашно и леб.

Едноставно, Ахмети „није одавде“. Што убаво! За цените била задолжена жена му, од неа се информирал за движењето на цените на прехранбените продукти. Или, пак, можеби не?! Ахмети не знае дури ниту колку заработил за овие 20 години на власт. И за тоа се грижела жена му. Ахмети ко „англиска кралица“. Жена му ги води математиките, а тој само мавта и позира. Можеби и на другите министри во Владата жените им берат гајле за цените и за финансиите, па затоа не им се слуша за поскапувањата. А и зошто да им се слуша. Сè додека капе од државната чешма и државните тендери, тие можат комотно да си седат на своите фотелји.

„Аман, занимавајте се со поважни работи“, што би рекол Ахмети. Наместо медиумите и јавноста да се занимаваат со контото на политичарите и парите што тие ги фрлаат за нивните луксузни партиски прослави, треба да се занимаваат со поважни работи. Битно е дека се славело. Што е битно од каде се парите. Славеле младите дека имале универзитети, дека се вработувале. Добро сега, некои од дома работат веќе 20 години, но тоа е небитно. А тоа што во Зајас 20 години нема канализација, и тоа не е важно. Како што рече Ахмети, тие во 2001 година се бореле за слобода, не за канализација. Што е важно изметот накај ви тече и каде ви се собира. Важно е да славиме.

Во нашава држава сè така функционира. Важно е само политичарите да се задоволни. Да се задоволени нивните каприци, нивните желби за истакнување, за фотографирање, за позирање. Важно е тие да се фалат со своите успеси. А дали народот ги фали, тоа не е важно. Всушност, во Македонија народот и никогаш не бил битен. Криминалот, корупцијата, нефункционалните институции, нефункционални општини, услови за живејачка како во 19 век… Сето тоа се става во некој заден план и се активира само пред избори. Народот во Македонија се храни само со партиски популизам.

Како тргнала работава, прашање на време е кога во државава нема да остане никој да им аплаудира на политичарите. Народот сè помасовно бега и се иселува. Си го бара чарето надвор од границите на Македонија. За жал. Но функционерите ни тоа не ги интересира. Важно е да се слави. Кога е бал, нека е маскенбал.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com