14.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Бучковски: Вклучување на Бугарите во македонскиот Устав во моментов е невозможна мисија

Најчитани вести

Вордингот со кој за темата Македонија настапуваат дел од бугарските политичари и интелектуалци, а особено претседателските кандидати, соочувајќи се со реалност и начинот на кој се заладија односите лани во ноември, навестува дека претстои период во кој можеме брзо да го решиме проблемот, оценува специјалниот пратеник, Владо Бучковски во изјава за МКД.мк.

Најавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Софија ја менува политиката кон Македонија и наместо на историските прашања се концентрира на прашањето за човековите права, според него, треба позитивно да се цени, бидејќи досегашната пракса покажа оти заглавивме во историските теми што нѐ доведе во ќор-сокак.

Дел од бугарските политички лидери отворено велат дека работите во решавањето на спорот треба радикално да се променат, а Македонија мора да биде третирана како држава на која Бугарија, борејќи се за лидерска позиција во регионот, мора безусловно да ѝ даде поддршка, но и да се бараат причините зошто дојде до вакво заладување на односите, кој е виновен за говорот на омразата и како да се надмине.

Според Бучковски, сериозно влијание има и квалитетот на претседателските кандидати кои отстапуваат од оние стереотипи кои ги гледавме претходно, а евидентен е притисокот од меѓународната заедница со кој се соочува Бугарија.

„Главните кандидати за претседател се соочуваат со реалноста дека Бугарија мора најде излезно решение пред домашната јавност, но притоа да се тргне од она што за нас е исклучително битно, да се тргнат какви било дилеми кај нас околу загрозувањето на нашиот идентитет со тоа што промптно би се признала во преговарачката рамка употребата на македонскиот јазик што создава реално сериозни пречки за да се затворат другите пет точки кои беа на маса. И на крајот можеби дилемите кои сега се отворени во бугарското општество, што кога Бугарија ги отвора прашањата за правата на Бугарите во Македонија, што со правата на оние кои таму се декларираат како Македонци и што со отворените, а нереализирани, неизвршени пресуди на Судот во Стразбур“, вели тој.

Во однос на прашањето за правата на Бугарите во земјава и принципот на немешање во внатрешните работи, тој смета дека „недостига таа нишка на прагматизам како да се искористи оваа ситуација за да се затвори на соодветен начин и прашањето за правата на оние бугарски граѓани кои сакаат да се здружат и притоа не кријат дека припаѓаат на македонската етничка заедница“.

На прашањето дали додавањето на прашањето за човековите права на постојните пет прашања не значи и дополнително оптоварување во односите Бучковски вели дека ако доминира само прашањето за заедничката историја и ако се види како функционираше заедничката историска комисија и комисијата за образовни прашања, тогаш очигледно е дека целиот напор е осуден на неуспех. Сепак, додава, треба да се анализираат изјавите на македонските Бугари и со сериозно почитување на нивниот впечаток да се обидеме низ конкретни решенија на отворените прашања кои тие ги навестуваат, па ако не се реални да ги демантираме или евентуално во некои случаи да се превенира. Но, барањето на бугарската страна за промена на Уставот и нивно вклучување во преамбулата во овие околности е невозможна мисија во Македонија, меѓу другото и заради потребата од двотретинско мнозинство.

„Мислам дека ако кој било испрати сигнал дека ние сме подготвени тоа да го направиме значи дека не е искрен во намерите да се најде решение. Треба да се бараат други решенија, но и да се почитува тоа што тие го праќаат кон нас како забелешка. Треба крајно професионално, независно од политичката криза во која западнавме, да се проверат сите тие наводи и врз основа на наши официјални аргументирани одговори да продолжи да се гради довербата. Мислам дека малку фали за да се направи пресврт. Сите очекувавме дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија, но, никој не калкулираше дека може ние да западнеме во ваква длабока политичка криза“, оценува Бучковски.

Со сличен став излезе и Кирил Петков од бугарската партија „Продолжуваме со промената“ од каде што предлагаат работни групи, кои ќе заседаваат редовно, со учество на претприемачи, научници, културни дејци, а не само историчари, односно „да влеземе во реални преговори, кои досега не се случувале“. Петков додава дека

од Скопје ќе бараат неколку работи, како заштита на правата на бугарските граѓани и на бугарските малцинства, „но не преку промена на Уставот, затоа што ќе стане тешко“.

На нашето прашање дали средбите на македонските Бугари со политичкиот врв во Софија и изјавите на нивните политичари не значат мешање во нашите внатрешни работи, Бучковски вели дека тоа повеќе го смета како дел од предизборниот маркетинг, а не како директно мешање во внатрешните работи.

„Градејќи доверба и пријателство, сметавме дека отворањето на културни клубови, здруженија на македонски Бугари е еден од начините да дојдеме полесно до надминување на деценискиот проблем и околу правата на Македонците во Бугарија. Тие секогаш се обидуваа почитувајќи ги нивните уставни решенија да го користат правото на самоопределување, не загрозувајќи ги уставните решенија. Мислам дека тука имавме сериозни шанси да најдеме излезни решенија за кои се надевам се прифатливи за пошироката јавност зашто ние сме чувствителни на сето она што го имаме како искуство во делот на почитувањето на индивидуалните човековите права на граѓани на Бугарија кои се определуваат како Македонци“, додава тој.

Но, вели треба да бидеме свесни дека прашањата кои ги наметнаа здруженијата на македонските Бугари имаат одглас во бугарското општество и од таа реалност не може да се побегне.

„Треба да бидеме крајно внимателни со изјавите дали аргументите кои тие ги изнесуваат се лесно проверливи и може да се демантираат или треба да се види дали би биле посилни ако бараме сличен однос од другата страна. За тоа е потребна вештина“, вели Бучковски и додава дека едно од излезните решенија е почитувањето на пресудите од Судот во Стразбур.

Што се однесува на актуелната политичка ситуација во земјава во однос на решавањето на спорот со Бугарија објаснува дека има три варијанти. Првата е во декември (за кога имаше минимални шанси за напредок) да имаме статус кво, втората варијанта е мандатот да се додели на некој друг да прави влада без реални шанси да дојде до формирање влада и третата е да имаме распуштен парламент и да бидеме со техничка влада како Бугарија во последните 7 месеци.

„Во сите три варијанти, ако имаме искрена намера да најдеме решение, треба да се продолжи таму каде што е стигнато.

Според мене, одложувањето на оставката на Заев, ги зголемува шансите да не биде изгласана недоверба на Владата, а тоа е секако поврзано и со притисокот на меѓународната заедница, која инсистира тој и неговата Влада да направат уште еден обид во декември, за кревање на блокадата од бугарска страна“, вели тој.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com