Генерал-мајорот Димо Ѓауров, началник на Националната разузнавачка служба на Бугарија од 1997 до 2003 година, очекува администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден да изврши притисок за побрзо надминување на несогласувањата со Македонија.
„Очекувам да ни биде извршен одреден притисок од нашите американски партнери за побрзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и Македонија. Демократите секогаш се силно заинтересирани за понатамошен развој на Западен Балкан и за негово побрзо приклучување кон развиениот дел на Европа. Од таа гледна точка, мислам дека ние сме должни многу аргументирано да ја објасниме нашата позиција, зошто – јас сум работел и со републиканската, и со демократската администрација во САД – американските партнери разбираат аргументи и јасна позиција. Така што топката е во рацете на нашата дипломатија“, изјави за бугарската телевизија Нова ексразузнавачот и бивш амбасадор на Бугарија во Унгарија.