14.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

Бугарски историчари: „Без спроведување на договореното, следуваат непријатни последици“

Најчитани вести

Работата на Мешовитата комисија е незадоволителна, оцени нејзиниот заменик-претседател од бугарска страна, Наум Кајчев. Историчарот очекува досега усвоените препораки да бидат имплементирани и во Македонија и во Бугарија. Одговарајќи на новинарско прашање на БТВ, Кајчев вели дека доколку Скопје не го спроведе она што е договорено, постои механизам да се попречи преговарачкиот процес со ЕУ, но таквата одлука е во рацете на политичарите.

„Тогаш веќе должност на другата страна е да каже дека – еве тука не се имплементирани решенијата на Меѓувладината комисија, што значи дека Договорот не се исполнува. Така, би следувале непријатни последици за имплементирањето на Договорот, што пак си носи други последици“, рече Наум Кајчев – бугарски историчар.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ исто така рече дека она што е договорено меѓу историчарите треба да се исполни, на база на реципроцитет, односно во истиот момент кога тоа ќе го стори и Софија. За таа цел, додава Маричиќ, во МНР веќе се формирани работни групи што се задолжени за имплементација на препораките на историчарите.

„Со Протоколот што е потпишан минатиот месец, Владите имаат обврска во рок од две години откако се постигнати некакви резултати, да ги спроведат. Секако, тоа оди во фази и оди низ филтрите на институциите. Нам ни е важно да тече таа дискусија и да има можност резултатите од работата на Историската комисија да бидат преточени во општеството без да се загрози нашиот идентитет и сигурен сум дека е тоа можно“, рече Маричиќ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека сепак историските прашања станале ултиматум во процесот.

„Со оглед на тоа дека ситуацијата покажува дека бугарските историчари слават, а нашите секојдневно критикуваат и даваат милион образложенија зошто не треба да се почне со оваа тема, повеќе од јасно зборува дека Договорот е штетен“, рече Гордана Димитриеска-Кочоска – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, историчарите што се членови во Комисијата од македонска страна истакнаа дека имплементацијата на нивните препораки сега е во рацете на Владата и образовните институции. Тие брифираа дека автономијата на Комисијата е запазена и тие не подлегнале на политички сугестии, а препораките, заедно со бугарските колеги, ги донеле откако утврдиле фактографски грешки и пропусти во учебниците.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com