17.8 C
Skopje
Sunday, March 26, 2023

Бугарските граѓани се против отстапки за Македонија, Заев апелира на добрососедство и верува во решение

Најчитани вести

Огромен процент од бугарските граѓани не се согласуваат Софија да прави отстапки во спорот со Македонија, покажуваат резултатите од телефонска анкета на агенцијата за истражување на јавното мислење Галуп.

Според Галуп, како што јавуваат бугарските медиуми, 70 отсто од испитаниците се против тоа Бугарија да го укине ветото за пристапување на Македонија во Европската унија, а речиси 20 проценти се со спротивно мислење. Останатите се уште се двоумат. Анкетата е спроведена на примерок од 890 полнолетни бугарски граѓани во периодот меѓу 14 и 16 јуни, само неколку дена пред посетата на македонската владина делегација на Софија.

Во услови на вакво расположение во бугарската јавност, македонската делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, а во која беа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, вчера на средбите со бугарскиот државен врв во Софија во обид да се деблокира европската интеграција на земјава, однела конкретни предлози и решенија, за кои бугарската страна рече дека ќе ги разгледа. За македонската страна решението на билатералното прашање мора да води грижа за интересите на двете страни. И македонската и бугарската страна средбите во Софија ги оценија како значаен исчекор што ќе ги поттикне идните чекори за решенија за отворените прашања, на кои двете страни ќе посветат сериозно внимание и заедно ќе работат низ отворен и искрен дијалог.

Заев, средбата со бугарскиот премиер Стефан Јанев, ја оцени како исчекор кон изнаоѓање решение, кое треба да биде во интерес на двете страни.

„Верувам дека постои можност да изнајдеме решение. Според мене, најмалку имаме исчекор напред зашто седиме заедно, работиме заедно, разговараме за решение кое, уште еднаш кажуваме, мора да е билатерално“, рече Заев.

Тој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение, а до граѓаните на двете земји упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.

„Убеден сум дека денешните средби во Софија ќе донесат само добро за двата братски народа. Свесни сме дека со бугарската поддршка, продолжуваме по патот на евроинтеграцијата зашто друг пат за нас нема“, рече вчера Заев.

Тој исто така смета дека средбата со неговиот бугарски колега Јанев и заедничките напори за воспоставување атмосфера на доверба, ќе биде дополнително охрабрување заедничката Комисија да работи уште поефикасно и да се постигне договор за уште историски личности или периоди.

„Историјата е важна заради тоа што е основа за подобра сегашност и најдобра иднина. Еден паметен човек рекол за да ги отвориме прозорците на иднината мораме да ги подзатвориме малку вратите на минатото. Не да ги затвориме, да ги подзатвориме оти во спротивно ќе се јави провев кој што ќе ја издува сегашноста, а и посебно иднината. Ние им должиме иднина на младите и на децата и треба да работиме на таа иднина“, нагласи премиерот.

Тој одговараше и на новинарско прашање дали постои можност земјава да го отвори Уставот и во преамбулата да биде ставен и бугарскиот народ.

„Северна Македонија прeд членството во ЕУ мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот, хрватскиот народ не е впишан – имаме хрватска заедница и други заедници. Нашиот Устав е создаден 1991 година и тогаш покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците и Србите, и Турците, и Власите и Ромите и вика и другите народи, така што ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска на пример ќе ги впишеме и другите народи“, изјави Заев на прес-конференцијата во Софија.

Тој повтори дека за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и оти тие воопшто не се на маса. Македонија и Бугарија разговараат за португалскиот што, според него, апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Португалскиот предлог, според него, навистина е инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудиме.

Бугарскиот премиер Јанев по средбата со Заев рече дека македонската делегација е дојдена со конкретни решенија кои ќе бидат разгледани. Политиката на Бугарија, повтори Јанев, е цврста поддршка на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија и поддршка за нивното присоединување кон европското семејство.

„Во моментов имаме прозорец на можности да работиме на решение. Целта ни е да се фокусираме на доверба, пријателство и отворен дијалог, подвлече Јанев, додавајќи дека како соседи и братски народи ни треба постојана комуникација и размена на мислења, но бугарската политика е непроменета.

Јанев рече дека Бугарија цврсто ги поддржува Република Северна Македонија, Албанија и Западен Балкан на патот кон пристапувањето во ЕУ. Но, според него, најпрво треба да се расчистат проблемите за да не ги внесуваме во ЕУ.

Одговорноста е на политичарите, рече бугарскиот премиер Јанев и истакна дека историската комисија има одговорност пред политичарите кои ја назначиле.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев коментира дека постојат политички можности, а првиот услов е потребата од дијалог. Бугарија, според него, прави сè што е можно за да се најде решение.

„Кога и како ќе се случи тоа зависи од различни фактори кои сите ги знаете“, додаде тој.

Според Јанев, исполнувањето на Договорот за добрососедство се одвива бавно, додека Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања не постигнала ништо во нејзиното работење.

На средбата на Заев со претседателот Румен Радев било посочено дека јасната европска перспектива на Северна Македонија е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ. Притоа беше истакнато дека посетата на делегацијата на Владата на Северна Македонија на Бугарија на највисоко ниво, е од исклучителна важност и доаѓа во момент кога силната динамика на контактите и дијалогот е од огромна важност за односите меѓу двете земји.

Премиерот Заев на средбата истакна дека градењето на пријателството меѓу братските народи на двете земји е обврска на лидерите кои пред себе треба да ја имаат перспективата на младите.

Кабинетот на Радев информираше дека во фокусот на разговорите на средбата било продлабочувањето на билатералниот дијалог и изгледите за реален напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Радев истакнал дека за Бугарија, Република Северна Македонија е најважната блиска пријателска земја.

„Затоа ни требаат редовни контакти, дијалог и соработка. За жал, во последниве години овие односи стигнаа до ќорсокак, дијалогот е замрзнат и тоа влијаеше на вашите изгледи за влез во ЕУ“, нагласил Радев.

Според него, Договорот за соработка во 2017 година нема специфични обврзувачки услови и рокови, а тоа овозможило „варијабилни одлуки и активности”.

Премиерот Заев се сретна и со раководството на партијата ГЕРБ и со нејзиниот претседател Бојко Борисов. Борисов искоментира пред Заев дека ништо нема да се случи од неговата посета на Бугарија. Лидерот на ГЕРБ го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев и рече дека бугарските власти ќе ги излажат и нема да сторат ништо. Според него, сегашната привремена Влада на Бугарија ги има сите права и може да преговара со Северна Македонија и рече оти ако сакаат можат да преговараат за нов договор ако не им се допаѓа оној потпишан во 2017 година.

Борисов му ја повтори позицијата на Заев дека младите од двете земји ќе се замразат доколку не се постигне договор. Тој предвидува дека можеби нема да бидат потребни инфраструктурни проекти затоа што никој нема да може да се движи низ нив.

Ден пред посетата на македонската делегација на Софија, бугарското МНР излезе со соопштение дека позицијата на Бугарија во врска со преговарачката рамка и одржувањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија останува непроменета. Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ треба да ги содржи неопходните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не постојат. Во ставот на бугарското МНР, се наведува и дека не се исполнети условите за одржување на меѓувладината конференција.

Како заклучок, бугарското МНР нагласува дека, во исто време Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за градење доверба и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог.

Вчерашната посета на премиерот Заев и македонската делегација на Софија се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни. Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни одосно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври, посочи Заев, е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за нас.

Најнови вести