14.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

БУГАРСКАТА АКАДЕМИЈА ВЕЛИ ДЕКА НЕ ПОСТОИ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Најчитани вести

Бугарската академија на науките (БАН) смета дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Македонската позиција е лажна, велат од БАН, како одговор на Повелбата за македонскиот јазик што на 3 декември ја донесе Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик. Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.

ЈАЗИКОТ НАЈДОБРО СЕ ЗАШТИТУВА АКО Е ФАКТОР ЗА КУЛТУРНА ИНТЕГРАЦИЈА, ВЕЛИ МАНУ ВО ПОВЕЛБАТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици испровоцирани од Повелбата на МАНУ. БАН вчера усвои став сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик. БАН признава дека ставот на академијата е директна реакција на донесената Повелба за македонскиот јазик од МАНУ.

„Документот предизвика многу сериозни научни забелешки“, се вели во соопштението на БАН.

Како што објави Дојче веле, БАН побарала одвоени мислења на оваа тема од три институции: Институтот за бугарски јазик, Кирило-Методиевскиот научен центар и од Инстиутот за историски истражувања; а нивните ставови биле поткрепени и од индивидуалните позиции на академиците на БАН. Бугарските академици сметаат дека „македонската позиција е лажна и неприфатлива и ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“.

Од трите консултирани институции од БАН, јавно достапен е документот на бугарскиот Институт за историски истражувања. Во него се користи синтагмата „тнр. македонски јазик“ и се наведуваат цитати на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Кузман Шапкарев од кои произлегува дека јазикот кој се зборува на територијата на Северна Македонија е бугарски.

„Главниот карактеристичен квалитет на нашиот заеднички јазик е неговата аналитичност- меѓу сите други словенски јазици само бугарскиот е аналитичен“, наведуваат од бугарскиот Институт. Македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“, велат од Институтот повикувајќи се на цитат на неименуван австриски лингвист.

Притоа тие инсистираат дека треба да се прави разлика меѓу „дијалектите во Северна Македонија и официјалната јазична норма на државата“, затоа што стандардизираниот македонски јазик, кој според бугарските историчари е создаден со декрет, бил србизиран.

Ставовите на бугарските академици се на линија на декларацијата која на 9 октомври годинава ја усвои бугарската влада, а ден потоа и парламентот во Софија. Во неа беа наведени серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ, а меѓу другото, беше акцентирано дека во документи на ЕУ не смее да се споменува македонскиот јазик.

БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРЕГОВОРИ НА ЕУ СО МАКЕДОНИЈА, ВЛАДАТА НА БОРИСОВ ПОДДРШКАТА ЈА УСЛОВИ СО НЕСПОМНУВАЊЕ „МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК“ И „БУГАРСКИ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР“

„Треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година“, се наведуваше во Декларацијата на бугарската влада.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com