30.8 C
Skopje
Saturday, June 25, 2022

Бројки, состојби и анализи

Најчитани вести

Од: М-р Дончо Герасимовски

Познато е дека од разни истражувања, анкети, а посебно и податоците што се добиваат од статистичките истражувања, кои се со различна периодика, и посебно од пописот на населението, домаќинствата и становите, кој беше спроведен во септември 2021 година, се добиваат многу бројки, кои како податоци треба да се користат за согледување на состојбите и за натамошните планирања во политиките на земјава. Меѓутоа истите тие треба добро или длабински да се анализираат од повеќе аспекти. Зашто го наведувам ова? Затоа што пред спроведувањето на пописот имаше поголем број забелешки, предлози, сугестии во периодот на подготовките, организацијата, методологијата, спроведувањето, објавувањето на податоците, како и при донесувањето на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите.

Забелешките, сугестиите и предлозите беа како од политичките партии така и од етничките заедници, а секако и од аналитичари, професори, познавачи на проблематиката, како и од други што имаа свои видувања. Во однос на сето тоа треба да се има предвид дека нема идеално нешто што би ги задоволило барањето на секој од наведените. Тоа значи дека и во оваа најголема, најобемна, најсложена и најскапа финансиски статистичка операција имаше одредени проблеми, појави и пропусти. Меѓутоа по објавувањето на првите податоци и неколку сета податоци за повеќе карактеристики се прават анализи, коментари и се прикажуваат состојбите.
Во однос на објавените податоци би се задржал на делот за образовните карактеристики, со осврт и на тековните објавени податоци што ги добиваме на годишно ниво. Заради појаснување и прикажување на состојбите, како прво би сакал да ги прикажам состојбите на образованието, и тоа посебно на основното и средното за изминатите пет години, а потоа и споредени со бројките добиени од пописот.

Навистина имаме многу бројки што ги прикажуваат состојбите, но истите тие треба добро да се погледнат и анализираат. Во основното и во средното образование на годишно ниво се следат состојбите во два периода, и тоа на почетокот и на крајот на учебната година. Во периодот од учебната 2017/2018 година до 2021/2022 година бројот на основните училишта се намалил од 989 на 972 или тоа значи дека имаме помалку 17 училишта. Меѓутоа треба да се знае дека покрај редовните основни училишта постојат и специјални, за возрасни, како и за дополнително образование и приватни основни училишта. Во овој момент се говори само за редовните основни училишта. За бројот на основните училишта сакам да напоменам дека се говори за две различни бројки, а тоа е затоа што немаме број на основни училишта и број на подрачни училишта. Тоа значи дека треба да се подвои на вкупно и од нив колку се централни, основни и подрачни. Бројот на паралелките за наведениот период е зголемен од 11.075 на 11.146 или има повеќе 71. За разлика од нив, бројот на учениците е намален за 5.799, а бројот на наставниците е зголемен за 217. Зошто се намалени учениците е сосема јасно, поради намалениот наталитет и иселувањето од земјава, а кај наставниците е зголемен бројот поради новите наставни реформи и програми што се воведени. Истото тоа се однесува и за зголемените паралелки.

Состојбата е иста и со средното образование каде што се намалени бројот на училиштата, учениците и наставниците, а зголемен е бројот на паралелките. Ова се состојбите на почетокот на учебната година, меѓутоа каква е состојбата на крајот од учебната година анализите откриваат одредени нелогичности. Тоа значи дека треба длабинска анализа на овие состојби од повеќе аспекти, и тоа разликите во бројот на училишта, паралелки, бројот на ученици и наставници, и тоа како кај основните така и кај средните училишта. Добро е да се прават анализи на бројките и состојбите и за тоа колку ученици завршиле основно образование и колку се запишани во прва година во средно образование. Исто така може да се анализира и колку ученици завршиле средно образование и колку се запишани на високо образование. Затоа не случајно велам дека постојат премногу бројки со податоци за сите состојби, но колку истите тие се навремени, колку истите тие се различни, кои се појавите и причините, а не само да ги објавуваме. Наведените податоци сѐ уште се објавуваат со големо задоцнување од околу десет месеци, појава што е присутна со децении, а во денешно време во ера на развиена информатика и дигитализација е невозможно да постои толку голема временска разлика. Што значи тоа?

Заврши учебната 2021/2022 година, а податоци ќе добиеме во мај-јуни 2023 година, додека, пак, за почетокот на учебната 2022/2023 година исто така во мај-јуни 2023 година. Бројките покажуваат многу и затоа не може со истите тие да се занимаваме толку многу, туку е доволно да ги искоментирам состојбите, па да се добие одредена слика за добра анализа. Истото тоа треба да го прават надлежните институции. Во овој временски период е добро што имавме попис на населението, домаќинствата и становите пред неколку месеци, со што добивме бројки и состојби за образовните карактеристики на населението во земјава. Морам да повторам дека е добро веднаш да се направи анализа на добиените податоци од пописот и оние што ги имаме добиено на годишно ниво. Со едни такви длабински анализи ќе се проверат податоците од административни извори и лично изјаснување.

Моите анализи покажуваат одредени нелогичности во однос на бројот на ученици, како во основното така и во средното образование, а посебно во високото. За сето тоа имаме објавено податоци велам само треба добра анализа. Затоа се вели дека академското граѓанство расте, а неписмените и недообразованите остануваат. Сето тоа кога би се анализирало и по региони и општини би имало во земјава целосна слика за состојбите со образовното ниво на популацијата во земјава.

На оваа тема за образованието не би говорел за високото образование, за бројот на факултети, дипломирани, магистри и доктори на науки бидејќи нивниот број за изминатава две децении е енормно висок.

По сето наведено имам пишувано повеќепати, и тоа со наслови: „Иселувањето го намали бројот на првачињата“, „Каде се учениците“, „Каде ’исчезнаа‘ 2.333 првачиња“, „Повеќе наставници, а помалку ученици“ и други со анализи, предлози, мислења, сугестии за доброто во образованието.

Затоа, Министерството за образование и наука преку своите институции треба да посвети повеќе внимание на објавувањето на податоците, на анализи на објавените податоци, на временската динамика на објавување, како и на дигитализацијата во време на брза информатизација. Секако дека се добри законските измени, реформите што се прават во образованието од аспект на дуално образование, сендвич-образование, поврзаноста со Стопанската комора, едукацијата на наставниот персонал, квалитетот во образованието, информатичката технологија, платите на наставниот персонал, условите за работа, опременоста итн.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com