Премиерката на Србија Ана Брнабиќ синоќа изјави дека Новак Ѓоковиќ е тој што треба да ја објасни „сивата зона” во врска со резултатот од неговиот ПЦР тест.
– Ако Ѓоковиќ излегол знаејќи дека има позитивен ПЦР тест, тоа би било чисто кршење на српските правила, изјави Брнабиќ за интервју за Би-Би-Си.
Светскиот рекет број еден, Ѓоковиќ, рече дека и покрај тоа што не е вакциниран, добил медицинско изземање за влез во Австралија, откако бил позитивен на коронавирусот во средината на декември. Сепак, се поставуваат прашања за неговите јавни настапи во тој период. Документите презентирани пред судот покажаа дека Ѓоковиќ бил позитивен на коронавирусот на 16 декември, но присуствувал на настан во чест на младите тенисери во Белград еден ден подоцна, на 17 декември.
– Ако сте позитивни, мора да бидете во изолација. Не знам кога всушност ги добил резултатите, кога ги видел резултатите, така што има сива зона. Единствен одговор на ова може да даде Ѓоковиќ, изјави Брнабиќ.
Српските прописи за ковид предвидуваат цели 14 дена самоизолација, освен ако лицето кое е позитивно добие негативен ПЦР тест во тој период.