По големиот интернационален успех на албумот “Македонисимо“ и ЦД-то на кое Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава, Чешка и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија изведуваат програма со дела од Шостакович, британската издавачка куќа „Лин Рекордс“, го објавува и првиот самостоен компакт диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
„Убаво е кога убави нешта се случуваат па и во вакви предизвикувачки времиња“, изјави Трпчески за Македонското радио, појаснувајќи: „Многу сум среќен што излезе овој албум снимен во време на пандемија, во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии од бројните протоколи и ограничувања за патување. Сепак мило ми е што со вонсериските напори на ‘Лин Рекордс’ и во тимска работа со ‘Бехштајн’ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри. Албумот го нарековме ‘Варијации’ и содржи не многу често изведувани дела, од кои самите композитори биле инспирирани, вели Трпчески.
Во меѓувреме, концертниот распоред на нашиот пијанист од светски глас полека се враќа во нормала. По настапите во рамките на Пролетната серија концерти на БиБиСи во Вигмор Хол во Лондон и на Фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, на покана од маестро Емил Табаков, Трпчески веќе наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите американски држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска. До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на МАКЕДОНИСИМО – хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго…, соопштува „КултурОп“.