-0.2 C
Skopje
Tuesday, October 26, 2021

Борел и Гир: На Западен Балкан му треба многу работа во јакнење на медиумската писменост

Најчитани вести

Дезинформациите и лажните вести претставуваат закана за глобалниот свет и за демократијата во светот. Тоа особено стана видливо во пандемијата со Ковид-19, кога лажните вести предизвикаа и загрозување на здравјето на луѓето. Медиумската писменост бара системски напори, особено во регионот на Западен Балкан, каде отпорноста на лажни вести е послаба.

Ова денеска заеднички го заклучија високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и евроамбасадорот во земјава, во нивните обраќања на „Конференцијата за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите“, што се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Делегацијата на ЕУ во земјава и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Борел, кој се обрати на конференцијата он лајн, истакна дека дезинформациите претставуваат закана за демократијата во светот, а тоа особено беше видливо за време на пандемијата со Ковид-19, кога дезинформациите влијае врз граѓаните и предизвикаа поларизација на општествата, а доведоа и до опасност по здравјето на луѓето, поради лажните информации кои беа достапни особено преку социјалните мрежи.

-Треба да работиме заедно особено за јакнење на свеста, и јакнење на изворите на информации – проверка на факти, независни и професионални медиуми… Граѓаните на Западен Балкан сега се посвесни и поотпорни на дезинформациите. Медиумската писменост помогна во тоа и ние сме одлучни да продолжиме да придонесуваме да работиме во регионот во оваа сфера, рече Борел.

Тој истакна дека на ЕУ и е потребна целосна соработка во ова, особено преку институциите и владите, за борба против дезинформациите и јакнење на медиумската писменост.

Борел потсети дека за десет дена ќе се одржи клучниот самит ЕУ-Западен Балкан, посочувајќи дека нема сомнение оти Западен Балкан е срцето на Европа и оти Унијата има одговорност за градење мирна, просперитетна и обединета Европа.

Тој оцени дека денешната конференција е добар пример на успешна соработка меѓу ЕУ и луѓето од Западен Балкан, во соочување со заедничките предизвици, оценувајќи дека еманципација на луѓето од Западен Балкан значи инвестирање во посилна Европа.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, истакна дека дезинформациите се огромен глобален предизвик, уште откако се случи „бум“ во онлајн комуникацијата.

-Во последно време и за време на пандемијата, сведоци сме на тоа колкава моќ имаат дезинформациите, и колкава вистинска цена тоа зема на животите на луѓето и нивната добросостојба. Ја видовме нивната огромна моќ да допрат не само до локалната публика, туку исто така и како локалните извори можат да ги резонираат малициозните содржини, рече Гир.

Гир наведе извештај според кој отпорноста кон лажни вести во Западен Балкан е слаба и повлекува генерално недоверба кон науката. Истакна дека дезинформациите и наративите за тоа доаѓаат во различни форми, понекогаш тоа се наслови во медиуми, а понекогаш тоа се коментари, што на прв поглед изгледаат како сосема легитимни вести. Исто така ги гледаме и на социјалните мрежи како единечни објави, но ги гледаме и на добро дизајнирани онлајн мрежи што успеваат да достигнат до огромни публики.

-Дезинформациите доаѓаат со висока цена, го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива на еден динамичен и креативен начин, што ќе се заснова на плурализмот на идеи, а засновано на наука, факти и докази преку проверка на вредностите. Затоа ЕУ е посветена на справување со овие дезинформации, тоа бара ристао на ниво на целата држава што ќе го вклучува целокупното општество, истакна тој.

Евроамбасадорот подвлече дека инвестирањето во медиумската писменост, особено кај младите, градењето кохезија помеѓу независните медиуми и граѓанското општество, и давањето поддршка на заедницата којашто прави проверка на фактите, се само неколку од големиот број напори што ги прави ЕУ во овој сегмент.

Ова е втора конференција што се организира во овој формат со поддршка од Европската Унија. Таа е конципирана врз основа на резултатите од Конференцијата за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан што беше организирана во 2020 година во Сараево и Бања Лука и многубројни иницијативи на оваа тема поддржани од ЕУ, наведуваат организаторите на конференцијата.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com