18 C
Skopje
Saturday, May 15, 2021

Богојески: Мицотакис нема да ги попречува интеграциите на Македонија

Најчитани вести

Новата Влада на Република Грција нема воопшто ништо да промени во однос на НАТО интеграцијата на Македонија. Истото ќе биде и со ЕУ интеграцискиот процес, а тука и Преспанскиот договор, смета реформистот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, коментирајќи ја промената на власта во Грција.

Десничарот Кирјакос Мицотакис освои убедлива победа на предвремените парламентарни избори во Грција. Неговата партија Нова демократија, освои 158 пратенички места во грчкиот парламент кој брои вкупно 300 места, што значи дека Мицотакис ќе може сам да формира Влада.

Богојески вели дека новиот премиер на Грција нема да го отвора Преспанскиот договор и дека ќе ја продолжи праксата на неговиот претходник, за градење на добрососедски односи со Македонија.

-И самиот Мицотакис знае дека отварање на минатото не е во негов личен интерес, зашто минатото на Неа Демократија не е сјајно по македонското прашање. Мицотакис сака да си обезбеди иднина и за нацијата и за своето семејство. Сака да остане конструктивен партнер на ЕУ и САД. Со тоа нема простор за никакви маневри на страна. Мора да се оди по патот зацртан од македонските пријатели – смета Богојески.

Тој порачува дека не смеат да се заборават чекорите кои ги направи Ципрас во овој дел.

-Ние, современите Македонци треба да имаме почит кон историскиот исчекор кој го направи досегашниот Премиер на соседна Грција, господинот Ципрас, а тоа е промовирање на сосема нов концепт на односи со нас Македонците. Грција повеќе од еден век, градеше политики врз база на концептот на Германос Каравангелис, а тоа беше концепт на хеленизација на нас Македонците, како “славофони Грци”, врз база на славната античка македонска историја. Промовираа нов тип на идентитет, низ сличен процес на она што ние денес го нарекуваме антиквизација во Македонија. На некој начин, она што го правеше еден од најголемите македонски непријатели, Германос Каравангелис, а го продолжи современата грчка држава, во Македонија го практикуваа господата Груевски и Иванов. Свесно или несвесно, не можам да судам – вели Богојески.

Според него со потпишувањето на Преспанскиот договор, Ципрас стана дел и од македонската современа историја.

-Тој заврти нов лист во историјата, се откажа од намерата да произведува “славофони Грци” и прифати постоење на современ македонски идентитет. При тоа, не мислам дека Преспанскиот договор е совршен и лично останувам на сите критики кон тој договор, кој ги истакнувам цело време од неговото постоење. Господинот Мицотакис, ова што го зборувам, најдобро го знае. Он доаѓа од фамилија која е носител на таа пропаганда. Но тоа не значи дека треба да го осудуваме, за делата сторени од неговите роднини. Тој има шанса да ја искористи оваа можност, да го тргне срамот од образот на неговото презиме, да биде политичар од 21от век. Сигурен сум дека ќе ја искористи оваа шанса, ќе остане катализатор на добрососедство и взаемно почитување помеѓу македонската и хеленската Република – анализира Богојески.

Според него било каква ревизија на Преспанскиот договор сега би не вратила само назад во времето.

-Секое “отварање” на Преспанскиот договор, во овој историски момент, во услови на се уште нереализирана македонска интеграција во НАТО и ЕУ, ќе биде само враќање кон минатото и политиките на Каравангелис, ќе биде во “грчки интерес”, а на штета на Македонија. Сигурен сум дека ако Грците одлучат, ќе најдат современ Коте од Руља, на македонската политичка сцена, кој ќе биде играчка во рацете на грчките интереси, а неговите активности во Македонија ќе ни ги презентираат како врвен патриотизам. Патем, мислам дека веќе се работи во таа насока, а еден политичар, кој не сакам да го именувам во моментов, свесно или несвесно веќе влегува во таа шема, веќе е сериозен кандидат да постане современиот Коте од Руља. Но господинот Мицотакис, сигурен сум дека нема да избере да биде современиот Каравангелис, а со тоа и денешниот Коте, “ќе остане без работа”! Европската Унија здрее, за да прерасне во нешто посилно и пообединето, во посилна државна формација. Треба и македонската нација, паралелно да здрее, за да бидеме дел од идниот развој на ЕУ – вели тој.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести