17.8 C
Skopje
Thursday, August 18, 2022

Блескав успех на македонската дипломатија

Најчитани вести

Македонската дипломатија, раководена од умниот и бескрајно трпелив доктор и политичар Бујар Османи, во борбата на нерви со бугарската дипломатија, е на прагот на еден блескав успех. Македонија, до крајот на француското претседателство, треба да почне со преговори за членство во ЕУ. Обидот Бугарија да го повтори грчкиот пристап не успеа и покажа зошто историјата се повторува прво како трагедија а потоа како фарса. Силовитиот и радикален настап на бугарската политика кој наликуваше на руската агресија врз Украина само без оружје, навреме е сопрен од нашите заеднички западни сојузници.

Тоа можеше убаво да се види при гласањето за француската резолуција во парламентот кога само проруската партија, обединета околу слоганот „Македонија е Бугарска“, се изјасни против предлогот на Емануел Макрон. Невидливиот притисок од Вашингтон, од Париз и од Брисел, ја стопи едногласноста на бугарската политичка сцена од пред две години и ги построи мнозинството пратеници зад предлогот да се симне ветото врз почетокот на пристапните преговори со нашата земја. Како изгледа таков притисок видовме од изјавите и на експонентот на „тврдата“ линија, претседателот Румен Радев, кој, пртеку ноќ, го смени своето мислење за предлогот на францускиот колега и му даде поддршка. Изјавата после гласањето дека Бугарија изгубила затоа што дала „бланко потпис“ со кој ќе имаат проблеми сите идни бугарски влади, е само обид да се спаси образот. Логично, Кирил Петков, премиерот кој најмногу ризикуваше, прогласи победа на бугарската дипломатија. Ние пак, мислејќи дека ако еден прогласи победа, тоа мора да е пораз задругиот, побрзавме да прогласиме пораза за Македонија. Но, не е така.

Мала држава во меѓународната политика, оставена на милост и немилост на посилниот сосед ја доживува судбината која ние ја доживеавме во спорот со Грција. Сега, по прогласувањето на независна македонска држава на нејзините граници, ми вели претседателот Киро Глигоров, „ Грција ќе не дави како змија жаба“. И тоа го правеше четврт век. Каскадниот карактер на меѓународното општество на држави, каде интересите се прелеваат и врз оние кои, барем од аспект на меѓународното право, би требало да бидат на наша страна, ги направи неми сведоци на нашата агонија. Барем вие можете да застанете зад нас, му велам на министерот за надворешни работи на Норвешка Столтенберг постариот, при неговата посета на Скопје на почетокот од нашата независност. Се лажете ми вели, имаме интереси во бродоградба и во други сфери со Грција и тоа не би минало во нашиот парламент. Прастарата лекција на Тукидид дека интерсите, како меѓу луѓето, така и меѓу државите се најсилната врска, важи во сите времиња.

Безбедносниот интерес на Западот визави Русија не турна во НАТО и сега тоа може да се повтори и со ЕУ. Кога застрашувачката руска инвазија врз Украина покажа на што се е спремен Путин, нашите заеднички западни сојузници решија да не дозволат раната на македонско-бугарскиоте односи да гнои. Ни ги отвораат вратите да влеземе заедно со нашите проблеми, нешто што не го сториле порано. Ние, наместо да го поздравиме тоа, се грижиме за некаков преседан за идните кандидати. Да не мислиме дека оставени на вољата на посилната држава полесно ќе ги решиме споровите? Меѓународно посредништво секогаш го брале послабите , како заштита од насилството на посилните. Зарем треба да се плашиме од 26 држави на ЕУ кои, сите до една, ја признаваат македонската нација и македонскиот јазик? Ако, како што велеше Блаже Конески јазикот е нашата татковина, нашата татковина ќе доживее сеевропско признавање. На прагот сме на досега невидена афирмација на нашиот јазик и на македонската нација. На прагот сме да направиме огромен скок од времето кога, по кажувањата на Коле Чашуле, неговата генерација собирала по селата зборови како што селаните со магариња собирале дрва, за да го кодифицираат нашиот македонски јазик. Не ни сонувале дека еден ден целата документација на Европа ќе се преведува на македонски. Почетокот на преговорите со ЕУ ќе биде голем ден и за мининистерот за надворешни работи Бујар Османи кој, како што разбрав во текот на нашето кусо познанство, целото свое образование, од прво одделение до факултет, го стекнал на македонски јазик, па партиските колеги, го задеваат за конструкциите на неговите реченици. Имено, дека зборува албански како Македонец.

Да заклучам. ЕУ, со францускиот предлог е нова гаранција за нашата сегашност и нашата иднина, за нашиот просперитет, и тоа е најважно. Продолжуваме со реформирање на државата и општеството, но овој пат со силна поддршка на Унијата. Тоа е мегданот на кој треба да се докажеме. За се друго, со взаемна почит меѓу македонскиот и бугарскиот народ, ќе разговараме и ќе се разбереме со текот на времето.

Денко Малески

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com