Во координирана акција на битолската и скопската полиција, по наредба на битолското основно јавно обвинителство, во вечерните часови на 15. декември на скопската улица Шуто Оризари бил уапсен 29-годишен битолчанец под сомнение дека е вмешан во фингирано извршување на кривични дела „грабнување“ и „изнуда“.
Како што информираат од МВР, на 14. декември, таткото на 29-годишникот во битолската полиција пријавил дека неговиот син бил киднапиран и дека грабнувачите бараат пари за негово ослободување.
Полицијата веднаш презела мерки и го расчистила случајот, при што утврдила дека станува збор за исцениран настан, во кој покрај 29-годишниот битолчанец биле вмешани уште неколку лица, со кои тој претходно се договорил да изнудат пари од неговите родители.
Битолчанецот и од претходно ѝ е познат на полицијата бидејќи бил пријавуван за кривични дела, издржувал затворска казна, а имал и долгови кон повеќе лица.
Тој бил приведен додека влегувал во автомобил „алфа ромео“, сопственост на неговиот татко, за кое возило, тврдел дека со него е грабнат, а кај него биле и дел од означените пари кои биле предвидени за негов наводен откуп.
По документирање на случајот, полицијата ќе поднесе соодветен поднесок до битолското основно јавно обвинителство.