15.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

Битиќи: Луѓето што се влезени во политика не покажуваат разум кога треба, имаме многу неразумни однесувања

Најчитани вести

Ако не беа антикризните мерки и начинот како се носеа, последователно во циклуси од два-три месеци, негативниот ефект и од ковид-кризата и од енергетската криза ќе беше многу поголем, оценува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за МКД.мк. Како слаба алка во нивното спроведување ги посочува одредени чинители во Собранието. Најавува реформа на Македонски пошти со јавно-приватно партнерство, бидејќи, според него, државата се покажа како лош менаџер во изминатите 30 години. За случајот со министерот Тупанчевски вели дека не е најголем грев да отидеш со пријател на фудбалски натпревар, туку треба да видиме дали системот генерирал привилегија што ја има само тој наспроти другите.

Вие сте дел од тимот за реформи на Македонски пошти. До каде се активностите околу физибилити-студијата или сѐ застана? Особено што сега најавува и штрајк на вработените во Македонска пошта.

  • Минатата година се работеше на физибилити-студија, беше ангажирана една екипа што има сродни искуства во преструктуирање на пошти и тимот што ја работеше е истиот што го направи преструктуирањето на Хрватска пошта. Кога почнале, таа била еден од најголемите загубари, а сега, по пет години, е една од најдобрите државни компании. Во студијата има неколку препораки и тие гарантираат дека во петгодишен период Македонски пошти ќе бидат иста слика како Хрватската.

Инаку, нашата пошта сега годишно генерира отприлика три милиони евра загуба. Замислете наназад 15 години колкава била загубата. Моделите што се нудат се различни, но оптималниот модел е јавно-приватно партнерство, со тоа што приватниот партнер би влегол во одреден период од 10-15 години и после се повлекува и државата си продолжува да ја води фирмата.

Јас сметам дека тој модел е најдобар, но треба пред владата да дојдеме со презентација на студијата. Сега сме во фазата пред презентација во Владата. Знам дека кога зборуваме за преструктурирање секогаш викаат „сега ќе бркате луѓе“, но тоа не е вистина. Ќе има оптимизација на работните места, а таму и онака бројот се намалува. Сега има вкупно 2.280 вработени, а само оваа година одат 67 во пензија. Тоа не значи дека со новиот модел тие треба да ги надоместиш, туку од постојните ќе треба да се постават на различни позиции.

Друг податок како доказ дека бизнис-моделот не функционира е фактот дека постојната систематизација има преку 230 работни места. Со новиот модел во прва фаза треба да има отприлика 60 работни места, во втората 39 работни места. По систематизација. Ако по систематизација имаш 230 работни места предвидени, кога ќе се мултиплицира со број на работни места, се доаѓа до бројка што не е оптимална.

Зошто државата не го направи тоа досега?

  • Затоа што државата покажала во изминатите 30 години дека е слаб менаџер. Нема капацитет за да води ни јавно претпријатие ни акционерски друштва, потоа не инвестираат за да бидат во тек со иновации и трето, за Пошта во овој момент да се „врати“ и да биде како што треба, потребни се 15-20 милиони евра инвестиции. Не можеме да ја убедиме јавноста дека треба нивни пари 20 милиони евра да внесеме во Пошта за можеби да почне да функционира така како што треба. Затоа што Пошта не докажала дека може.

На средбата со синдикатите имав едно просто прашање: „Колку од вас во последните 10-тина години имате искористено поштенска услуга?“ Сите ме гледаа бледо и прашуваат зошто им го поставувам тоа прашање. Велам, вие сте најповикани, бидејќи вие немате искористено поштенски услуги, а замислете другите граѓани. Затоа што ги нема. 2.280 луѓе секоја година произведуваат 3 милиони евра загуба апропо зголемувањето на платите. 3 милиони евра загуби правите, ви даваме пари од буџет за да ги намалите загубите, а сега барате дополнително пари за зголемување на платите, што ќе значи уште 1,5 милиони евра дополнително зголемување на загубата. Која е бизнис-логиката?

Затоа ќе одиме со моделот на јавно-приватно партнерство, ќе се обидеме како влада да најдеме сериозен партнер. Приватниот партнер не значи приватна компанија, може да значи и државна компанија, може да биде Словенечки пошти, Хрватска пошта, Австриска, Германска пошта. Ќе влезе за да го донесе бизнис-моделот.

Деновиве рековте дека државата ги презеде сите механизми што ги има в раце за спроведување на антикризните мерки. Задоволен ли сте Вие од нивното спроведување?

  • Антикризните мерки во изминатите две години ги носевме за различни цели. Прво беше заради справување со ковид и тоа беше примарно. Второ беше да се одржи максимално на најниско можно ниво губењето на работни места и трето да се одржи ликвидноста на стопанството зашто е клучно во развојот на економијата.

Од оваа перспектива можам да кажам дека сум задоволен затоа што ефектите од сетот укажаа дека ако не беа мерките и начинот како се носеа, последователно во циклуси од два-три месеци, дека негативниот ефект ќе беше многу поголем. Тоа се покажа добро зашто ако негативните ефекти беа поголеми, сега во енергетската криза и во економската криза што се појави поради конфликтот меѓу Украина и Русија, негативниот ефект ќе беше уште поголем. Тој ефект сега сите го чувствуваме, но за жал механизмите што ги има во раце Владата не се доволни за да спречат негативно влијание. На пример, не се доволни да спречи инфлација зашто таа е увезена заради тековните глобални текови. И теоретски и од практичен аспект има лимитирања што може да се направи во вакви услови.

Ние го правиме максимумот, знаејќи ја ранливоста на државата скоро во сите сегменти. Требаше да се случи ваков вид криза за да сфатиме дека не сме тоа што сме биле. Пред 30 години сме имале поголемо производство на прехранбени производи отколку денеска. Сите влади наназад креирале политики за да стимулираат зголемено производство на земјоделски и прехранбени продукти, но тоа не се случувало. Сега сметам дека сме дојдени во фаза кога треба да се преиспитаме зошто тоа ни се случува. Дали во брз рок може да се среди? Нема да може. И затоа велам антикризните мерки мора да се гледаат само како инјекција за справување и ублажување на одреден поголем негативен импакт врз општеството.

Мислите дека граѓаните ја сфаќаат целта на антикризните мерки?

  • Мора да признаеме дека често сме водени од тие што очекуваме дека треба да нѐ застапуваат. Луѓето што се влезени во политика тогаш кога треба да покажат разум, не покажуваат. Имаме многу неразумни однесувања, неразумен начин на поставеност. Граѓаните го гледаат тоа, не гледаат ништо друго. Ако нивниот политички претставник се однесува неразумно во криза како да се нормални услови, ќе речат ништо нема.

Ама тоа се однесува и на членовите на Владата.

  • Да, тоа е за сите политички чинители. Секогаш има исклучоци и на добро и на лошо. На пример, како претставник на Влада до тебе е да донесеш антикризни мерки. Но ако во Собрание на закон за антикризни мерки добиеш 90 амандмани затоа што некој сака да си игра политика, ти како граѓанин викаш „штом мојот претставник вели треба да има 90 амандмани и вака да се однесува значи ништо не е, овие лажат“. Тоа е неразумното однесување.

Го кажувам примерот со Грција, во која политичките партии и политичката сцена се многу поларизирани, а лидерот на опозицијата во ковид-криза рече „јас не се согласувам со сѐ што прави владата, но заради кризата ќе ги поддржам во сѐ што прават, а кога ќе помине кризата ќе се справиме на политичкиот мегдан и ќе кажам што беше лошо“. Е тоа е однесување. И затоа се враќам на вашето прашање, дали граѓаните го сфаќаат тоа. Граѓаните не може да го сфатат тоа сѐ додека нивните политички претставници тоа не го сфаќаат. Велам време за политички мегдан има и ќе има, но не кога на граѓаните им е најтешко.

Која е слабата точка во нивното спроведување?

  • Сметам дека губењето време во носењето на антикризните мерки, потребата скоро секоја да биде потврдена во Собрание и неразумноста таму направи штета кон самите граѓани.

Тоа значи носење мерки на мускули.

  • Да, за жал. Во овој момент имаме антикризни мерки, законските измени се во Собрание и три недели ништо не е мрднато. За жал. Ја донесовме минималната плата, закон за јавната администрација за усогласување со минималната плата, законот е заглавен во Собрание. УПОЗ излегува на протест зашто не сме ја усогласиле минималната плата. А како да го направиме тоа? Законот е во Собрание. Ние не можеме едноставно да го бајпасираме тој механизам.

Значи Собранието е слабата алка?

  • Одредени чинители во Собранието.

Имате ли податок како влада колкав процент од работниците во приватниот сектор примаат минимална плата?

  • 13 проценти од вкупниот број вработени во државата примаат минимална плата, но од нив не се сите во приватниот сектор. Во приватниот сектор не може да се исплати плата под 18 илјади денари. За јавниот сектор исто така има владина одлука дека примателите на минималната плата, но и сите други што се под новата минимална, треба да се нивелираат на тоа ниво. Вкупната бројка е 150 илјади или околу 28 отсто. Што се однесува до односот колку се во јавен, а колку во приватен сектор, ќе кажам дека од овие 150 илјади лица 70 отсто се во приватен, а 30 отсто во јавниот сектор.

Кога сме кај минималната плата, зошто Владата субвенционира дел од придонесите на вработените ако се знае дека голем дел од работодавците исплаќаат минимална плата токму за да платат ниски придонеси?

  • Прво, интересот на работниците е пред сѐ, животниот стандард на граѓаните е пред сѐ. Не сакаме да се доведеме во ситуација со зголемувањето на минималната плата работодавците да кажат дека целиот товар е на нив и дека не можат тоа да го надминат затоа што финансиски може да биде голем ударот и да направат што било за евентуално да не исплаќаат минимална плата и евентуално да посегнат по одредени отпуштања. И рековме ќе има одредено зголемување од 15.200 на 18.000, а ние ќе ги покриеме придонесите затоа што сметаме дека работникот заслужува подобра плата.

Работникот заслужува, точно, ама вие ги плаќате работодавците.

  • Не, ги плаќаме работниците. Мораме во јавноста да одговориме и да ја пуштиме пораката дека средствата што ги плаќаме во име на придонеси одат за работникот, не за работодавецот. Работникот е тој што има бенефит од придонесите.

Да, но не ги плаќа работодавецот туку Владата.

  • Да, како преодно решение до крајот на декември. Видете, економската криза не е само за работникот, туку и за работодавецот, и тие мора и во период на економска криза да бидат поддржани, зашто генератор на развојот е стопанството. Ако тие немаат финансиска моќ за да исплаќаат пари или ако им дадеш дополнителен товар со каква било дополнителна давачка што ќе ја намали нивната моќ како работодавец, како економија, ќе значи негативни импликации на друга страна. Мора да направиме еден баланс меѓу она што го налагаме – зголемување на платите и да обезбедиме ликвидност на работодавците за да нема дополнителни проблеми.

Разговорите со СОНК завршија неуспешно, барем досега. Што понатаму?

  • Разговорите продолжуваат. Веројатно ние сме влезени во нов момент на демократските процеси, а тоа е дека во поновата историја на нашата држава не може да кажете дека имало искуства владата преговара за сѐ со синдикати. СОНК пред да влезе во преговори дојде и рече ние закажавме на 11 април штрајк, ајде да преговараме. Како ќе преговараме ако на 11-ти веќе е закажан штрајк.

Но како ќе се унапредува државата кога во образованието малку се вложува, а Владата не е подготвена ниту да ја зголеми платата на наставниот кадар, која сега во средното образование, на пример, е под просечната плата во земјава?

  • Јас целосно се согласувам со барањето на СОНК. Но образовниот систем го чинат сите чинители. Со СОНК велиме дека инвестициите во образованието треба да се зголемат, дека образованието треба да го однесеме на друго ниво. Образованието не треба да генерира деца што не се потребни со нивните вештини и знаења на пазарот на трудот, туку луѓе што одговараат на пазарот на трудот. За жал, ние имаме спротивен резултат.

Претпоследен резултат во ПИСА-тестирањето во светот, најдобро рангиран универзитет во нашата држава да е на 46. место од назад на листата. И велиме, да, ова е процес, секој што е вклучен во образовниот процес треба да има достоинствена плата за тоа што го бараат сите од секого, а тоа е зголемена продуктивност и ефикасност во нивната работа. А продуктивноста се мери со квалитетот и со резултатот.

Тоа е процес. На средбата со СОНК велиме ајде ќе подготвиме методологија за зголемување на платите што во период од 2-3 години ќе доведе до достоинствени плати за вработените. СОНК и самите вработени ќе кажат што е достоинствена плата, ние како влада сме спремни, но паралелно со тоа мора да се влезе во целиот процес на реформи.

Земете го најдобриот модел во светот, Финска, и видете како работат. Јас не велам дека веднаш ќе дојдеме до тој модел, но треба на нашите деца да им дадеме минимум еднакви можности за да добијат добро и квалитетно образование. Кога тоа ќе го слушнеме и видиме дека сме спремни да го направиме, решението ќе се најде. Но јас не можам на моите сограѓани да им објаснам дека на наставниците ќе им зголемиме плата за 70 проценти, а притоа нивните деца нема да добијат буквално ништо поразлично од вчера.

Вие можеби не, ама опозицијата им ветува за кога ќе дојде на власт.

  • Опозицијата докажа 12 години сѐ што им ветуваше. Опозицијата треба да каже зошто 12 години плаќаа 9.000 денари минимална плата за луѓето во нашата држава. Денеска таа е 18.000 и ние со полна уста велиме сѐ уште не е достоинствено. Опозицијата нека си се грижи за себе, сме виделе што можат, ништо различно не верувам дека може да се случи. Лесно е да кажете во опозиција ќе тече мед и млеко, а за жал, над 50 отсто од Македонија и по нивните 12 години нема канализација, над 60 отсто немаат вода за пиење во земја-аспирант за влез во ЕУ. По 12 години владеење без ниту една голема криза.

Кога зборувате за квалитетот на образованието на пример, што покажа мерењето на квалитетот на работата на институциите бидејќи Информација за тоа беше најавена за вчерашната владина седница?

  • Тоа што се покажува и во приватниот сектор, дека продуктивноста на работната сила е многу ниска. Тоа значи дека скоро во сите институции треба оптимизација на работните места, луѓето што работат да ја зголемат својата продуктивност. Тоа е брзината и квалитетот на услугите кон граѓаните.

Да си поставиме самите прашање, колку од нас се задоволни и ќе бидат помалку намуртени кога одат пред шалтер во која било институција за да добијат одредена услуга. Одговорот ќе биде скоро сите сме намуртени зашто не добиваме соодветна услуга од другата страна. Кога 90 отсто од тие што одат да побараат услуга без да се јават никаде ќе ја добијат, ќе се вратат полунамуртени, не можам да кажам дека ќе се вратат среќни, зашто секогаш аспирираме за повеќе, тогаш ќе речеме дека сме задоволни од ефикасноста на институциите. Има процес на подобрување, дигитализацијата е клучот во 21 век, кој ќе придонесе и луѓето да се поефикасни.

Но тоа ќе значи и помалку луѓе.

  • Не мора да значи, зад системот мора да има секогаш луѓе, но напред нема да ги гледаш. За жал, во 30 години функционирање на државата ние сфативме една работа, дека ние сме најбитни како луѓе и дека целиот свет се врти околу нас, и сѐ зависи од нас. Не е вистина, без оглед дали во приватен или јавен сектор, секогаш треба да бидеме услужни кон другите.

Но без рационализација секогаш ќе има луѓе што работат и десет пати повеќе такви што не работат.

  • Рационализацијата доаѓа со тек на време. Реков дека кога ќе имаме повеќе разум кај сите чинители, многу полесно ќе си помагаме себеси и на општеството отколку што ќе одмагаме. Рационализацијата во јавната администрација не може да се случи без одредени последици. Но ќе се случува. Јас сум поборник дека рационализација треба да се случи, а тоа што не е популарно е намалување на одреден процент на оние што се вишок. Реформите мора да се случат секаде и рационализацијата мора да биде една од точките на разговор со синдикатите со давање можност да опстане и да продолжи да живее во нашата држава. А во јавниот сектор треба да им се даде можност на тие што би требало да си отидат со наоѓање нов пат во приватниот сектор.

Каде го гледате Вие проблемот со корупцијата и криминалот? Што е она што фали за да може државата да се справи со тоа, ефикасноста на судството или нешто друго?

  • Сѐ. Корупцијата и организираниот криминал не може да се третираат еднострано. Нема само еден чинител што е битен. Во целиот циклус на справување со корупцијата и организираниот криминал мора сите да бидат на висина на задачата. Да, Владата може да постави правила на игра, но и другите чинители во целиот циклус мора да бидат на висина на задачата. Ако покренете акт пред обвинителство и предметот заглави неколку години без разрешница, пораката што ја праќате не е само лична и индивидуална само кон еден човек, туку кон целото општество дека ништо не се случува.

Па има многу такви случаи.

  • Па за жал, да. Но мораме јасно да кажеме дека секој чинител мора да биде на висина на задачата. И мораме личната одговорност да ја сведеме на лична одговорност, а не на колективна. И затоа, не кажувам дали во судството е проблемот. Таму е проблемот во личната одговорност на одредени поединци во судството, исто во обвинителство и во министерствата.

Но работата е како да ги натерате, условно речено, луѓето што се таму да бидат одговорни како личности.

  • Ќе покажете пример со казнивост и ќе сфатат дека одговорноста што им ја дал некој за да бидат на таа позиција треба да ја заслужат и да останат такви до крај. Има многу работи што се случувале во минатото во кои не сме верувале и сѐ уште не веруваме дека системот може да генерира правда. Деновиве имаше казна по четврти пат за бивш министер. Не се случило надвор од овие три години да имате бивши министри што се казнети со правосилна одлука. Таквите примери треба да ги покажеме како добри примери на судии и на обвинители што биле доследни на нивната работа и професионалци. Тоа генерира правда. Нам ни недостигаат позитивни примери, а борбата против корупцијата и организираниот криминал не се решава без позитивни примери.

Малку се такви примери. Еве ако го видите случајот со министерот Тупанчески не е позитивен пример. И тоа е корупција.

  • Не е, затоа што мораме да разјасниме што значи дел на корупција. Лично однесување е, ако тоа однесување е непримерно за повеќето граѓани, треба сите да кажеме дека е непримерно и треба да се санкционира. Но ние сите поединечно, индивидуално, истото го правиме секој ден. Колку од нас правилно се паркираме во град, веројатно 95 отсто од нас сакаме да направиме мал прекршок, а притоа да затворат очи полицајците. И затоа сите сакаме малку да бидеме како Тупанчески, ама кога Тупанчески тоа ќе го направи, велиме, е тоа е лошо. Ние мораме да расчистиме во општеството што е тоа што навистина сакаме. Дали е најголемиот грев што еден функционер отишол со свои пријатели, затоа што не можеме ние на луѓето да им кажеме во една мала земја како нашата со кого ќе се дружат. Не сме луѓе што се паднати од некаде и сме изолирани. Јас сум влегол во политика со мои 45 години. Зар треба да се апстрахирам од сите мои пријатели затоа што сум сега јавен функционер.

Се разбира не, ама Тупанчески се гледа на еден начин, а некој друг на друг начин. Јавноста го гледа него како министер, а не како Тупанчески што има пријатели.

  • Ние сме носители на функции. Мора да расчистиме низа работи. Не е најголем грев да отидеш со пријател на фудбалски натпревар.

Што е гревот?

  • Дали процедурата на добивање на привилегијата да бидеш на натпреварот е запазена или не е запазена. Дали истото им е дадено на сите подеднакво во рангот на луѓе како Тупанчески. Треба да видиме дали системот генерирал привилегија што ја има само тој наспроти другите. Тоа е проблемот. А не дали тој ја искористил или не. Имаме низа примери за кои треба да зборуваме. Треба сами да бидеме личен пример за позитивно или негативно однесување на сите. Ако сакаме да генерираме модели на однесување, треба да почнеме од почеток. Што е прифатливо и помалку прифатливо во општеството. Но личниот пример е пред сѐ. Како општество мора да се оттргнеме од гледање и критикување на малите работи, а притоа ни бега целосната слика. Во нашата држава годишно трошиме 4,4 милијарди народни пари, занимавајќи се со 100 денари 200 денари помалку или повеќе трошење на гориво, забораваме дека годишно трошиме 120 милиони евра на субвенции во земјоделие, а секоја година ни се намалуваат приносите од земјоделие. Даваме уште стотина други милиони евра како државна помош, а ефектите од тоа што треба да овозможат економски раст секоја година се помали. Треба да бидеме критички кон целокупната слика, каде оди оваа држава, а за дневна политика да, ќе расправаме и за 100 денари. Но на моите сограѓани 100-те денари не им го менуваат животот, им го менува поголемата слика. Некој ќе каже 100 по 100 прават многу, но јас ќе кажам дека не е така. Ние, за жал, дозволивме 30 години да поминат расправајќи се и гледајќи за 100-те денари, а притоа за 30 години нашите соседи отидоа далеку.

Отидоа далеку, да, зборуваат за брза железница, а што имаме ние?

  • Ние имаме железница со која се вози по 50 километри на час. И нашите деца наредните 10 години нема да се качат во воз. Да зборуваме за таквите работи.

Ајде да зборуваме. Зошто не сме направиле автопат од 12 километри до Косово?

  • Одговорот е кај тие што се одамна во политиката, јас сум само две години во политиката.

Рековте дека пописот ја покажа убавината на разноликоста на нашата држава. Ова е Ваша изјава. Но има и многу изјави за непризнавање на пописот, критики… Како го коментирате тоа?

  • Јас пак ќе кажам дека убавината е во разноликоста. Искрено. Јас мислам дека има доволно критичка маса, луѓе што се дораснати, повеќе од одредени политичари, и јас мојата судбина и на моите сограѓани не ја гледам преку бројки, туку преку еднакви можности, праведност, правичност и каде што е потребно солидарност. А дали се викаат вака или онака, дали се бели, или помалку бели, црномурести итн., тоа е статистичка операција.

Моите сограѓани заслужуваат подобар живот во оваа држава. Сум кажал и кажувам, за жал, да не се доведеме во ситуација да жалиме кога на следниот попис ќе имаме уште 20 отсто помал број граѓани и тогаш нема да имаме за кого веќе да зборуваме вакви, онакви и на кој јазик зборуваат, затоа што нашите деца ќе ни се смеат и ќе викаат ние зборуваме германски, холандски, фински и слично, а вие сѐ уште се расправате дали со самото раѓање треба да се викаш вака или онака и треба да го зборуваш овој или оној јазик зашто по раѓање си бил во толкав процент. Сметам дека треба да гледаме малку за 20 години напред, а не назад.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com