Home » Битиќи: Забрзувањето на преку-граничното движење на стоките ќе го олесни секојдневното работење на компаниите

Битиќи: Забрзувањето на преку-граничното движење на стоките ќе го олесни секојдневното работење на компаниите

by Журнал.мк

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“, која во Скопје ги собра на едно место раководителите на царинските управи од регионот и меѓународните партнерски организации, меѓу кои и Генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија.

Во обраќањето, вицепремиерот Битиќи ги сподели неговите ставови во врска со тековниот „Проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан“ кој е составен од три компоненти и е координиран од неговиот кабинет, при што рече дека истиот ќе овозможи подобрување на квалитетот и на ефективноста во обезбедувањето на услугите на своите соработници.

„Забрзувањето на преку-граничното движење на стоките е исклучително важно за да ја постигнеме нашата цел, олеснување на секојдневниот живот на нашите компании и на нашите граѓани. Преку целосна имплементација на оваа компонента, ние ќе можеме да ја поедноставиме постапката за преминување на границата, минимизирајќи го времето поминато на чекање на границите и значително ќе го намалиме бројот на документи потребни за обработка и администрирање на царинските услуги“, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека втората компонента од проектот дополнително ќе ја подобри ефикасноста и предвидливоста на транспортот, бидејќи ќе ни овозможи да изградиме и инсталираме најсеопфатен „Интелигентен транспортен систем“ на најчесто користениот автопат во нашата земја, Коридорот 10.

„Ова е усогласено во потполност со нашата Национална стратегија за Интелигентни транспортни системи усвоена во 2022 година, и ќе биде целосно контролирано од Националниот центар за контрола на сообраќајот со седиште во Петровец“, рече во неговиот говор Битиќи.

Вицепремиерот објасни дека преку имплементација на третата компонента на проектот, Владата очекува да се постигне зголемен пристап до услугите, но и зајакнување на регионалните инвестиции, преку имплементација на сите неопходни ЦЕФТА протоколи преку усогласување со сите регионални иницијативи и регулативи.

„Со ова, нашите компании и нашите граѓани ќе бидат третирани подеднакво со тие од целиот наш регион. Нашата земја има направено голем исчекор напред во создавањето поконкурентна деловна средина. Нашата влада во почетокот на 2022 година заедно со дополнителното усогласување со царинскиот тарифник на ЕУ, ги намали, а во некои случаи целосно ги отстрани царинските тарифи за 258 тарифни ознаки“, рече вицепремиерот Битиќи.

На крајот на своето обраќање, вицепремиерот Битиќи се осврна на последниот извештај на Европската Комисија за нашите царински органи, каде што Северна Македонија е оценета со добро ниво на подготовка, со постојан напредок речиси секоја година во делот на консолидација, примена и надградба на ИТ системот.

„Беше нотирано дека нашата царинска управа дополнително го промовираше концептот на овластени економски оператори (ОЕО), а посебно се потенцираше имплементацијата на целосна бесхартиена процедура при обработка на царинските декларации и акцизни документи“, истакна Битиќи.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk