Билетите за првиот настап на британската пејачка Адел во Лас Вегас се продаваат за повеќе од 40.000 долари на одредени веб-страници, додека билетите за други концерти може да се најдат по цена од 20.000 долари.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Пејачката во понеделникот објави нови датуми за серија концерти во Лас Вегас, откако претходно беше принудена да ги одложи настапите само 24 часа пред премиерата во јануари оваа година.
Со 24-те одложени претстави, најавени се уште осум нови, а ќе има вкупно 32. Настапите ќе траат од 18 ноември 2022 година до 25 март 2023 година.
Според изјавата на „Ticketmaster“, компанија за продажба и дистрибуција на билети, сите постоечки билети се важечки за новиот датум. Понатаму, ќе има помал број дополнителни билети достапен за сите 32 изведби.
Меѓутоа, пристапот до секоја претпродажба ќе биде ограничен, според соопштението на „Ticketmaster“, со приоритет на обожавателите кои купиле билети за претходните настапи.
Набргу по изјавата, беше објавено и дека билетите за вечерта на отворањето чинат помеѓу 600 и 41.000 долари на веб-страницата Stubhub.
„Блумберг“ во понеделникот извести дека од 17:30 часот по њујоршко време, достапни се два билета од 41.280 долари за настапот на Адел на 18 ноември. Според веб-страницата, двајцата сопственици на билетите ќе седат заедно.
Според извештајот на публикацијата, билетите во најмалку шест други ценовни категории се продавале за 20.000 долари или повеќе.
Два билета за настапот на Божиќ беа продадени за повеќе од 23.000 долари на веб-страницата за препродажба Gametime.
Во изјава за „Блумберг“, извршниот директор на Gametime, Метју Радос, ги припишува високите цени за препродажба на одложените настапи и фактот дека Адел „нема многу настапи во живо“.